
Се сеќавам на денот кога беше објавена смртта на Маршалот, доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито. Се сеќавам на лелекот, солзите, неверувањето и чувството на изгубеност на народите од Триглав до Вардар, по неговата смрт. Очај и безнадежност. А, потоа во етерот силно прозвучија зборовите на песната: „Друже Тито ми ти се кунемо да са твога пута не скренемо“ (Другар Тито ние ти се колнеме дека од твојот пат нема да скршнеме). Песната ја пееја сите. Добро де, не баш сите. Се пееше на стадиони, на партиски состаноци на прослави, на свадби, спортски настани… Ечеше во етерот. Секаде каде требаше да се покаже и потврди братството и единството на југословенските народи, самоуправниот систем и неврзаноста, како безалтернативен пат по кој мора да се движиме, како завет на Маршалот. Југославија се колнеше и пееше. Додека одевме по патот без перспектива и алтернатива, државата се распаѓаше. А, потоа дојде војната и распад.
По нашето фијаско и смртта на сонот за Европската Унија, како повторно да го слушам ехото на зборовите од песната за безалтернативноста на Титовиот завет, низ устата на Премиерот Заев, Претседателот Пендаровски и лидерите на политичките партии. Македонија нема алтернатива освен ЕУ. Во еден глас. Хорски. Дури Заев по вакво фијаско вели има доволно аргументи да се убеди францускиот претседател Емануел Макрон дека проширувањето на ЕУ може да оди заедно со промената на методологијата на преговарачкиот процес за прием на нови земји членки. По свадба тапани. Се прашувам дали некој му го побара тоа? За тој да го нуди. Ние не само што сме биле стратешки интерес, ние сме Европа. А, Макрон тоа никако да го види. Досега. Отсега потешко. Се прашувам: како да се справиме со лилипутанскиот синдром на нашиве актуелни лидери?
Кога влегувате во авантура со името и добрососедтвото треба барем да имате основни познавања од надворешната политика и за тоа како функцонира меѓународниот систем. А, не да плачете, обвинувате и се заканувате за сторена неправда. И, неисполнети ветувања. Во меѓународен систем базиран на моќ да верувате на ветување дадено од лидери на држави кои ја моделираат меѓународната политика е наивно и глупаво. И, многу опасно. Но, со ваков Премиер и Министер за надворешни работи е очекувано. Дијагностицирана состојба на понижување и срам. На еден цел народ. Историското фијаско си има име и презиме. Сега, засекогаш и за вечни времиња.
Лидери на држава со лилипутански синдром и без лично достоинство не можат да го заштитат достоинството на својата држава. Овие нашиве не само што не го заштитија, туку и го погазија. Без доволно моќ да се спротистават на наметната воља од надвор, не’ сведоа на предмет на историјата, држава неспособна да ја насочува сопствената судбина. Им го препуштија моделирањето на нашата судбина на странците. Затоа ни се точкааат во државава. Повторно. Да ни ги навијат сатовите на нашата сервилност. За случајно да не забегаме од „правиот пат“. Да не му текне на Заев во наплив на невозвратената љубов кон неговат Македонија да ги опструира договорите за добрососедство со нашите соседи, а особено договорот од Преспа. Добро што македонската жица на Заев е со краток фитиљ, па неговата закана за „замрзнување“ на делови од Преспанскиот договор одма стана претежок збор. Секогаш е добро да знаете дека имате Премиер што држи до зборот и ветувањето?! Инаку, отиде добрососедството и пријателството со нашите соседи.
За жал на нашите ЕУ оптимисти и за среќа на нашите споменици, ЕУ за долг историски период ќе остане убава недостижна утопија. Единствената сигурност што ја имаме сега е дополнителната неизвесност за нашата иднина со вакви безалтернативни „лидери“. Македонија, или тоа што остана од оваа понижена држава, допрва треба да го има дијалогот со самата себе. Се’ што видовме досега е почеток на масовна идентитетска криза, обид да се сопре времето, а можеби и почетоци на дисолуција на државата. Фрактурите во македонското општество се влошуваат, не се подобруваат.
Сонот за ЕУ остана неисонуван. Со текот на времето ќе почне да бледее. Идните генерации во безалтернативна држава ќе раскажуваат за митот на несреќната мала „Северна Македонија“, која борејќи се да се ослободи од јаремот на некогашната Македонија, остана без своите ветени ЕУ перспективи. Без името, јазикот, идентитетот. Обезличени ќе ги имаме нашите приказни за ветувањата, за предавството и за безалтернативноста. Приказни со реални ликови: доблесен народ и злобни и сервилни лидери. И споменици како причина за фијаското на сонот за ЕУ.
Каде од тука? Со вакви политичари во моментов не гледам алтернативна понуда да ја соочиме иднината со ентузијазам. Ќе си останаме да дремеме пред вратите на ЕУ, зашто нашиве политички лидери ниту знаат, ниту умеат да понудат алтернатива за подобар живот. Не дај боже да ги следат некои од веќе заживеаните модели за соработка со Унијата, можеби оние на Норвешка или Швајцарија. Или некој друг. Којзнае.
Во меѓувреме странските мешетари ќе продолжат да ги потхрануваат нералните очекувања за влез во ЕУ, со фразата: следните шест месеци ќе бидат клучни за ЕУ, па следните шест… итн. А, животот во Македонија полека ќе се екстрактира, реката млади луѓе ќе продолжат да ја напуштаат државата во потрага по подобар и подостоинствен живот, ние ќе стареме со очекувањата обвиени со пајажина на ветувањето за ЕУ, а државата полека ќе ја губи смислата на своето постоење. Онаа северната. Југословенскиот завет на Маршалот видовме кај не’ однесе. Кај ќе не однесат нашиот безидејни и безалтернативни политичари допрва ќе гледаме.
Во Македонија политичката безидејност и човечката глупост никогаш не достигнаа крајна точка, некаква магична рамнотежа. Оваа власт со лилипутански синдром ги надмина дури и најоптимистичките очекувања на оние што ја создадоа. Затоа каде од тука. Никаде. Со овие на власт и тоа е некаде.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес