Мицкоски: Поминавме и воен конфликт, па не се посегна по платата на работниците

Се случува крах на системот затоа што е на стаклени нозе, а економските политики доживуваат неуспех. Се потврдува она што го говорев дека системот е трул, а тоа не може да се замачка со прес конференции и гол пи-ар. Преку оваа криза имаме соочување со грдата реалност. Поминавме турбулентни 29 години на предизвици, кризи, најболната приватизација и транзиција на Балканот, воен конфликт во 2001та година, Светска економска и европска должничка криза, но никогаш не се посегна по она што СДСМ и Зоран Заев сега го прави, а тоа е платите на работниците. Ова значи дека никогаш и не било полошо овие 29 години.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Ќе бидам отворен како и секогаш, Заев со овој план се обидува неспособноста на владата да ја плати со трудот на работниците на кои ќе им крати драстично плата. Одеднаш недостижните 500 евра просек плата се сведоа на 230 евра. И кога би било во други околности ова сигурно би се нарекло грабеж. Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, повторувам сериозен удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците, рече Мицкоски и додаде:

„Вработените во администрацијата ги немаат привилегиите на функционерите на власта, ама сега со предлогот на Заев ќе ја имаат истата плата од 14.500 денари. Голем дел од овие луѓе имаат кредити, и не може да зависат од милоста на банките и несериозноста на Заев. Ништо не сме постигнале ако се скратат нивните плати, а се надеваме банките да ги замрзнат ратите. Практично се руши нивниот стандард и нема да излеземе од криза ако ги казниме работниците. Дополнително се работи за мерка која е и економски неоправдана. Со вакво драстично кратење на платите на работниците, се прави шок и ќе се намали потрошувачката во економијата и тоа по принципот на домино ефект ќе се одрази во сите останати гранки.  Значи ќе се влијае негативно и во здравото ткиво во економијата. Потребни се нови пари да се вбризгуваат во економијата за да се задржи потрошувачката, бидејќи само тоа ќе ги одржи компаниите. На крајот зошто се задолжува државата од над половина милијарда евра ако стопанството и ако државата ги кратат платите на работниците“.

Бараме, потенцираше тој,  Заев итно да се повлече од предлогот за кратење на платите работниците во администрацијата, и да не удира по стандардот на граѓаните.

-Така нема да се реши кризата, туку ќе се продлабочи.