Делегитимизација на државата

Пандемијата на коронависрусот ќе замине. Порано или подоцна. Или, кога ќе реши власта за потребата на брзи избори. Но, хроничните болести на ова општество ќе останат. Корумпирана политичка елита, склеротична и поспана бирократија, издишана економија, поделена и дезориентирана јавност, поданичка интелектуална свест. Со годините не’ научија да живееме со симптомите. Поточно да преживуваме. Не треба и не може да бидеме шокирани ако кажам дека сме во групата на држави со висок ризик. Држава која е кревка и која без акција се соочува со ризик да стане неуспешна, или, не дај боже, пропадната држава.

Гледам ги имаме сите прерогативи за тоа. Но, уште полошо, ги покажуваме „гордо“ и без срам. Партиската политика и бруто личниот интерес на оваа власт ја направија мнозинската партија да биде несвесна и незаинтеересирана за својата одговорност пред избирачите и Уставот. Но, свесна за профитот што може да го оствари во услови на политичка и економска нестабилност на државата. На дневна основа гледаме како не функционира правната држава, како галопира корупцијата и како низ нивните политики профитираат малкумина, на штета на мнозинството од македонскиот народ. И, како сервилно се гуши слободата и напаѓаат принципите врз кои е положена демократијата: од слободата до поделбата на власта.

Ако досега не научивме, Заев и СДСМ во овие страшни денови не просветлија дека глупоста, неправдата и неспособноста се смртоносни; дека во демократијата да се биде граѓанин е суштинска работа; дека алтернативата за солидарноста е смртта. Кога главна алатка за управување со државата беше и останува лагата, нормално е да се разбудите со чувството дека сте граѓани на неуспешна држава. Тоа е онаа реалност што ја гледаме, како спротивност на реториката на власта дека блескаме на секое поле.

Нарцизмот на власта беше и останува поинфективна од кој било вирус. Секој што верува поинаку, или кој се бори за вакви идеали надевајќи се дека ќе ја сочува Македонија, не само што промовира нарцизмот на оваа власт и нејзината забеганост, туку и гарантира идни несреќи. На крајот на краиштата, тие веќе се одговорни за неуспехот да се исполни прекрасниот експеримент наречен македонска држава. Иако е пролет, добродојдовте во зимата на нашето разочарување.

Доволна е една застрашувачка реченица на „идеалот на правдата“ на шарените за да сфатите дека Македонија „нема да ја биде“. „Да знаете што јас знам од тие 660 илјада фајлови, сигурно не би була тука“, ќе изјави специјалната обвинителка Катица Јанева. И на ваков лик му беше доверена борбата со корупцијата? Таа ќе ја донела правдата. Очигледно не е до парите: до паметта е и нискиот коефициент на интелегенција. Зар некој можеше на ваков лик да се воодушевува? Кој успеа клептократската држава да  ја однесе на повисоко ниво. И, зарем како после ваквата јавно упатена уцена да ја сфатам сериозно оваа држава.

Или, зарем да се сомневам дека сме неуспешна држава кога власта како мутава  премолчува на секој што ќе посака нешто наше: од име на држава, преку историја до јазик. Затоа ќе бидеме предмет на уцени и условувања. Затоа кој како стигна си тера мајтап со нас. Тоа е кога имате проблем со достоинството. Што очекувавме дека ќе добиеме за возврат? Освен понижување.

Велат дека политичката филозофија го дефинира највисокото добро што едно општество го воздигнува и го следи и ги поддржува преференциите и очекувањата на граѓаните во тоа општество. Таква оддамна не гледам во Македонија. А, кога немате визија и свест за највисокото добро што го следите како држава, нормално е како држава и нација да не напредувате. А со тоа да ја делегитимирате државата.

Можеби највиталното прашање во моментов е: што можеме да сториме за да го смениме падот? Како да го спасиме она што остана од државава. Лекот што единствено може да се понуди како излез од ваквата состојба е одговорно и транспарентно владеење, што ќе ја изразува волјата на мнозинството народ во Македонија. Она што не оддалечи од правиот пат, се нуди како најпрост лек да не врати на правиот. Така ќеможеме да го вратиме здравјето на нацијата и ќе можеме повторно да ја градиме државата. Но, сигурно не со овој политички естаблишмент. Време е да се стави крај на агонијата која ја живееме последниве години.

Само така, идните генерации ќе знаат дали некогаш сме имале шанса да успееме како држава, или сонот за македонска држава бил само мит во кој сме сакале да веруваме. А дотогаш остануваме она во што не претвори оваа власт: неуспешна држава која самата се делегитимизира.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес