
Неопходно е граѓаните да се охрабрат и масовно да излезат на избирачките места на 15-ти јули, бидејќи судбината на државата е во рацете на гласачите и да , истакна во вторникот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со претставниците на политичките партии од Коалицијата „За обнова на Македонија“, од кои добил едногласна поддршка убедени дека на претстојните предвремени парламентарни избори ќе извојуваат голема победа.
„Разговаравме за актуелната состојба како и за подготовките за изборите коишто престојат. Добив едногласна поддршка за изборите на 15-ти јули каде ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе оствари убедлива победа над актуелната власт“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски наведе дека на средбата ги информирал коалициските партии за условите за коишто ВМРДО-ДПМНЕ преговараше со власта, односно во прв ред за протоколите за заштита на здравјето на граѓаните и мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
„За нас беше многу важно да се утврдат строги правила за заштита на здравјето на граѓаните со што се овозможи сите ранливи категории, хронично болни опфатени со мерките на претпазливост соодветно да се пријават за гласање и да бидат посетени од ДИК доколку тие одлучат своето право на глас да го остварат од дома. Целосно ќе бидат заштитени при гласањето. И целосно нивното право за глас ќе биде тајно. Така што ги охрабрувам сите и да гласаат гарантирајќи го нивното здравје на денот на избори или деновите пред да се случи 15-ти јули“, рече Мицкоски.
Што се однесува на другите граѓани, посочи, тие ќе можат во безбедни услови да излезат да гласаат на 15-ти јули.
„Многу е важно да има голема излезеност, и што повеќе граѓани да се охрабрат да гласаат. Затоа што од нивниот глас зависи судбината на државата и таа е во нивни раце. Тие одлучуваат дали ќе ја променат грдата реалност кон подобро или ќе биде полошо. Изборот е јасен. Изборот е меѓу кризи кои ги прави власта или обнова која ја нудиме ние. Меѓу измами и напредок, помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев или Македонија. За сето она што го ветуваме стоиме до последниот збор. И тоа ќе го оствариме. Знам дека и сите останати политичари ова го говорат но видовме дека ова раководство на СДСМ и Зоран Заев не умее да исполни. Изборот сега е помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев кое докажано не исполнува, и Коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ кое се знае дека работи и исполнува. И знаете дека овој пат го имате мојот личен збор, дека обновата доаѓа“, рече Мицкоски.
Додаде дека на граѓаните им е неопходна извесна иднина во која ќе можат да планираат и да се потпрат на државата.
„Да дојде крајот на времето на искушенија, несигурности и постојани кризи. Треба вистински да се нормализираат работите, вредностите да дојдат до израз“, апелираше Мицкоски.
Убеден во победата на коалицијата „За обнова на Македонија“, челникот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека овие партии се подготвени на големата работа којашто ги очекува за градење силна економија.
„По 15-ти јули не чека многу работа. Затоа што нашиот проект е обнова која ќе донесе силна економија, повисоки плати за 25 отсто или за најмалку 6.500 денари повеќе од сега. Повисоки пензии од 20-ина проценти во еден мандат или повеќе од 3.000 денари за секој пензионер, невработеност под 10 отсто, намалување на даноците, рамен данок од 8 отсто, 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за 4 години. Целосна реконструкција на повеќе од илјада километри регионални и државни патишта, 150 километри експресни патишта низ целата држава, енергетска обнова на домовите на граѓаните, нова фасада и оков на секој дом при што инвестицијата половина ќе ја покрие државата. Природен гас за секое домаќинство, бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство“, прецизираше Мицкоски.
Најави и зголемување на платите на професорите и наставниците, 100.0000 денари за редовните универзитетски професори, 80.000 денари за вонредните професори, 60.000 денари за доцентите, 45.000 денари за асистентите на факултетите.
Во прелиминарното кусо претставување на проектите содржани во програмата на ВМРДО-ДПМНЕ и коалициајта, Мицкоски најави изградба на национална мрежа од ечтири нови клинички центри и многу други проекти.
„Следува напорна работа и многу резултати. Власт која нема да биде непријател туку партнер со народот. Подгответе се да бидете сведоци на нов почеток и многу причини зошто ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија е различна од СДСМ и Коалицијата „Можеме“. Има зошто да ја подржите ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, заклучи Мицкоски.