
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска преку прес-конференција им се обрати и на членовите на партијата.
„Сакам и да се обратам на членовите на партијата. Не затекнавме партија од 450 илјади гласови, туку поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок беше и се уште е замрзнат, незаконски ќе потсетам. Со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода. И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде. Зло како оваа влада не се руши одеднаш туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ“, вели Мицкоски.
Додава дека ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина.
Затоа што Македонија нема европска иднина со мафијашка коалиција, затоа што земјоделците кои сега не ги ни спомнуваат нема да го добијат потребното, затоа што сиромаштијата ќе се зголемува, затоа што младите ќе продолжат да си одат од земјата, затоа што квалитетот не се цени.