
Наместо лесна победа, особено откако од ништо стигнавме до водство по урнебесниот автогол на Мартен Куск, успеавме да се доведеме во ситуација да се тресеме и за бод, па дури во 87-та минута од мечот „спасивме“ еден бод, иако и самото реми против селекцијата на Естонија е голем неуспех, особено зашто балтичката селекција во минатите квалификации даде едвај два гола на осум меча, а во оваа сезона во Лига на нации немаше ниту еден во два меча и дочека против Македонија да даде – дури три.
Недозволиво за селекција која сака да игра на ЕП е ваков настап против полупросечна селекција, а очигледно „коцкањето“ да се игра практично со втор тим, со само тројца стандардни од првите единаесетмина на селекторот Игор Ангеловски денеска му се одбија од глава.
Естонија си го искористи сето тоа што ние ѝ го подаривме. После водството, не успеавме да се споиме со топка, не направивме ни една шанса по пола час игра, па Рауно Сапинен нè казни по одлична акција и негова рутинска реализација искористувајќи ја шансата што му ја овозможи раштиманата и некоордирана дефанзива. Откако Александар Трајковски се најде во две можности, а Иван Тричковски имаше лоша завршница, па и слаб обид при еден зицер на стартот на вториот дел, Естонија повторно нè казни и повторно некоординирана одбрана, Алиоски заспа во ислегувањето, па одбиената топка Сапинен рутински ја смести во гол за прво водство, па Александар Трајковски промаши пенал во 67-та минута за да израмни и Франк Ливак третпат нè казни со гол од пенал во 76-та минута.
Добро се испотија потоа македонските фудбалери за да избегнат срам, по што капитенот Горан Пандев на десет минути пред крајот нè врати во игра, а Ѓоко Зајков по еден каранбол во 87-та минута со помош на Стефан Спировски израмни, но до крајот иако нападнавме не успеавме да стигнеме до епски пресврт.