
Бугарскиот новинар и сопственик на новинската агенција БГНЕС, Љубчо Нешков, тврди дека македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров е поопасен од коронавирусот за Софија алудирајќи на неговото лицемерие, во гостување на телевизијата „Бугарија Он Ер“ пред два дена.
„Ветото е логичен крај на политиката на лажење, измама и омраза која што почна пред десетина месеци во соседна Македонија. Таму си има и конкретен виновник за тоа што се случува, по тоа прашање и тоа е поранешниот министер за надворешни работи, сега министер за евроинтреграции Никола Димитров, кој брутално почна да ги саботира меѓусебните односи, почна да оди по европските држави“, рече Нешков.
Според Нешков, поранешниот шеф на македонската дипломатија е лицемерен, едно зборува во Софија, а сосема обратно во Брисел.
„Јас, освен што сум роден во Скопје, сум живеел во Брисел и оцената за Никола Димитров во моментов е потврдена и би било убаво македонскиот премиер да се замисли за резултатите од неговата дипломатска мисија. Тој е поопасен од коронавирусот. Тој кога доаѓа во Софија се прегрнува и бакнува со нашите дипломати и потоа оди и го зборува обратното. И кога го кажувам ова, не мислам на некој службеник од 23-от кат на 63-от блок во Брисел, туку на самата централа на ЕУ и водечките еврокомесари со кои се сретнува“, кажа Нешков.