
Бугарија е подготвена да ги продолжи разговорите со Република Северна Македонија за решавање на споровите меѓу Скопје и Софија. Ова го соопшти министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по средбата со специјалниот претставник на Скопје, Владо Бучковски.
Ова е прва официјална посета на Специјалниот пратеник на Владата на Република Северна Македонија на главниот град на Бугарија. Утре Бучковски ќе се сретне со премиерот Бојко Борисов и претседателот Румен Радев. Се очекува да разговара и со министерот за одбрана Красимир Каракачанов, како и со лидерот на социјалистите Корнелија Нинова.
– Ние продолжуваме со разговорите за изнаоѓање на одржливо и конечно решение за преостанатите отворени прашања во билатералните односи. Како и изнаоѓање излез, да и се отвори патот на Република Северна Македонија за рамката за преговори и почеток на вистински преговори за членство во ЕУ – рече Захариева.
Таа истакна дека продолжуваат разговорите за изнаоѓање решение за преостанатите билатерални прашања со С. Македонија, како и излез за патот на нашата земја кон преговарачката рамка за нејзино членство во ЕУ.
– Ова погрешно се нарекува вето, затоа што всушност е неодобрување на рамката за преговори. Ние сме во деликатна фаза од нашата врска. И обете страни сме разочарани, поради фактот што рамка за преговори не беше одобрена во овој момент – додаде минисерката.
– Убедена сум дека единствениот прагматичен, искрен и добронамерен пристап ќе доведе до надминување на акумулираната недоверба и достигнување на изгубеното време во последните најмалку 18 месеци – додаде таа.
– Ние ќе подадеме рака на Северна Македонија да најде заеднички прифатливи и трајни решенија и да го отвориме патот за нови односи засновани на доверба. Да се биде членка на ЕУ значи дека треба да се придржувате кон вашите билатерални или мултилатерални договори – заклучи Захариева, повикувајќи ги двете страни да разговараат повеќе меѓусебно, отколку со медиумите, а исто така повика на ставање крај на употребата на историската комисија за политички цели.