Мицкоски: Како што Заев се колнеше „во најмилото“ и го менуваше Уставот, сега тргува и со идентитетот

Во денешното издание на дебатната емисија „Студио 10” гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за погрешните одлуки на Зоран Заев и Владата, како и за спорните решенија околу договорот со Република Бугарија.

Мицкоски посочи на периодот кога Зоран Заев излегувал на националните телевизии и се колнел во најмилото, своите деца, а истовремено лажел за работи за кои не смее да се лаже.

Мицкоски додаде дека фамозната жица на Зоран Заев не само што не крепи колку што тој не уверуваше дека можеме да му веруваме, туку од денешен аспект покажува дека самиот тој е најголемиот пазарџија кој некогаш ја водел државата.

„Замислете, човек кој е спремен да не лаже во очи додека се колне во своите деца, во македонската жица, ја води државата и моментално спроведува нова распродажба, но овој пат на македонскиот идентитет. Бескрупулозен лажго и манипулатор, овие зборови се синоним за Зоран Заев, човекот кој без никакво национално чувство, свесно го омаловажува македонскиот народ“, додаде Мицкоски.

„Македонскиот идентитет не смее да се стави на маса за било какво преговарање, не поради тоа што ние како опозиција го споменуваме поради политичка борба во моментов, туку поради тоа што тој навистина не смее да се сквернави. Тоа е нешто што се чувало со векови наназад и нешто што треба да се остави на генерациите кои допрва следат. Тоа се работи кои не смеат да се изменат и изобличат на било каков начин“, заврши Мицкоски.