Стоилковски: Градоначалникот на Ѓорче Петров два пати во шест месеци асфалтира иста улица

Во септември, пред речиси половина година, посочивме дека градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски гради кружен тек во скопско Волково без целосни документи, односно дивоградба. Го повикавме тогаш, а досега нема одговор, да ја приложи на јавноста целосната документација за градба на кружниот тек во Волково, потсети денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Градење без документи е градење дивоградба. Добро е кога градоначалник гради, ама лош пример е кога гради на диво. Тоа е мафијашка работа, принцип на мафијата, изгради на сила, па легализирај. Да е трагедијата поголема, Александар Наумовски изгради и асфалтираше кружен тек во Волково, а сега по само половина година, истиот го гребе асфалтот и наново асфалтира! Еве ги зад мене фотографиите од самиот Наумовски како се фали на 26 ноември, а ја објавил на 27 ноември на социјалната мрежа фејсбук како асфалтира, а еве и вчера што објавил. Истата локација, истата позиција за фотографирање, исто асфалтирање, истата улица со само половина година разлика – рече Стоилковски.