Македонија во „зелената зона“ во Романија, нема карантин!

Романскиот национален комитет за вонредни ситуации (ЦНСУ), во ажурирана листа на земји или области со голем епидемиолошки ризик од ковид-19, ја класифицираше Македонија во најповолна, т.н. „зелена зона“.

Ова значи дека сите лица кои доаѓаат во Романија од Македонија нема да бидат подложени на карантин од 14 дена.

– Ова ја одобрува класификацијата на земјите/областите според кумулативната стапка на случаи со ковид-19 со цел да се класифицираат и карантираат лицата кои пристигнуваат во Романија – се вели во одлуката на „ЦНСУ“, како што објави романската агенција „Ацерпрес“.

Неколку други земји во регионот, како Црна Гора, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија, се наоѓаат во „зелената зона“ со најповолна епидемиолошка состојба.

„Црвената листа“, која вклучува земји со висок ризик од ковид, вклучува 23 земји, вклучувајќи ги Индија, Сејшелите, Уругвај, Монголија, Колумбија, Малдиви, Бахреин, Намибија, Аргентина, Суринам, Кувајт, Оман.

Романија исто така објави ажурирана „жолта зона“, која вклучува 14 земји.

Сите лица кои доаѓаат во Романија од земји кои не се опфатени со „зелената зона“ се предмет на карантин од 14 дена.