
Безидејно, бледо, на моменти и загрижувачки ужасно лошо во неколку фудбалски сегменти од додавања до центаршутеви, Македонија потроши час и половина за ништо. Освен двоминутниот блиц на напади кога пропуштивме шанса за гол на средина од првиот дел и еден опасен шут на Езџјан Алиоски по еден час игра, избраниците на Милевски не покажаа ништо друго, освен што повеќе ја имаа топката во нозе и не знаеа што да направат со неа кога ќе се приближат до естонскиот гол.
Да беше некоја многу поквалитетна репрезентација од Ерменија, која дојде во Скопје да игра на контранапади за да стигне до бодови, Македонија вечерва ќе загубеше, зашто нестрпливоста во нападите, понекогаш и со цел тим и високата поставеност во напад на противникот му отвори „мал милион“ опции за противнапад, а Ерменија имаше еден куп после секоја наша грешка во прием или додавање, ама за среќа остана мрежата на Столе Димитриевски нечепната.
Милевски тргна со четворица во дефанзива, офанзивно со две крила и Адис Јаховиќ во напад, со Елиф Елмас како плејмејкер, но освен што во првиот дел бевме и солидни во половина полувреме кога диктиравме игра, баравме начин да пробиеме, сѐ друго е за заборав, зашто Јаховиќ не се спои со топка, Алиоски и Ристовски не погодија ни еден центаршут,а во меѓувреме скоро да немаше фудбалер кој не ја загуби топката за Ерменците потоа да истрчаат контра која завршуваше неуспешно.
Ристовски по пола час игра имаше шанса со глава кога беше исфрлен во шеснаесетник, но биеше млако, па дефанзивците расчистија иако го надмудри голманот, по корнерот Дарко Велковски промаши цела топка на чист шут за погодок, а во продолжение на акцијата Александар Трајковски потоа имаше шут крај голот.
Сѐ после тоа беше без идеја, брзоплето, несигурно, а само Алиоски опасно шутираше во 62-та минута кога Давид Јурченко одбрани, па ни завршниот притисок во последните десет минути не донесе ништо посебно, конкретна шанса преку која би можеле да стигнеме до трите бода.
Ерменија по трите победи со ова реми сега има 10 бода и останува лидер, додека Македонија сега има седум и следен меч во овој септемвриски циклус е гостувањето кај Исланд во недела од 18 часот.
Извор: Спорт1.мк