Заев дома е? Нема ни трага, ни глас од премиерот во заминување

Точно една недела откако Заев е виден за последен пат, нема ниту трага, ниту глас од него. Последно нешто што слушнавме од Заев е дека ја презема одговорноста за тешкиот пораз на локалните избори и дека се повлекува и од претседателската функција во СДСМ, но и од премиерското столче. И толку беше, седум дена и неколку часа го нема во јавност, освен еден блед одговор некаде на средината на минатата недела дека стои на дадениот збор. Можеби треба да објавиме награда за било каква информација за Заев, човекот целосно се повлече, не е присутен ниту на социјалните мрежи, а ниту имаме информација дека можеби вози мотори со неговиот пријател Венко Филипче, обично така ги наминуваше сите проблеми во минатото.

Една недела ја нема доставено ниту оставката до официјалните служби кои треба да постапат по неа, човекот како целосно да се изгуби. Македонија буквално остана без премиер и власт, во ек на здравствена и економска криза, во ек на рестрикции од струја народот во Македонија е оставен буквално сам на себе. Ваквиот чин е во најмала рака несериозен за еден премиер кој прифатил да биде чело на државата и покрај сите проблеми со кои ќе се соочи.

Па сите доживувале подеми и падови, сите доаѓале и си оделе на власт, а кога веќе е одлучен да си оди треба да ги менаџира процесите до крај, како што самиот кажуваше дека целосно е посветен за напредок на државата.

Очигледно тешко го поднесува ваквиот пораз за кој ниту размислуваше дека ќе се случи.

Особено тежок удар е новото парламентарно мнозинство кое во петокот го најави, а во неделата на прес-конференција го потврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сега веќе и официјално Зоран Заев знае дека е крај со неговата власт, колку и во неделата што измина да размислувал да ја смени одлуката.

Како шлаг на тортата е дадениот рок на Заев до понеделник до 14:30 часот да си ја поднесе оставката, во спротивно ќе му биде изгласана недоверба. Ова е втор дополнителен удар не само за неговата партија, туку и неговата гордост затоа што до пред локалните избори важеше за најмоќен човек во Македонија на кого никој не можеше да му се спротивстави, камо ли некој да се дрзне да му изгласа недоверба. Да беше сигурен Зоран Заев дека Мицкоски нема доволно потписи за да му изгласа недоверба на владата, тој сам ќе свикаше седница и ќе се понудеше на гласање, како што тоа го направи минатата година. Сега не е така, сега се направи вистински политички пресврт за само неколку дена.

Христијан Мицкоски математички прецизно го симнува Зоран Заев од тронот, барем така велат досегашните чекори кои опозицијата ги презема, чекори кои до сега не се видени на македонската политичка сцена – некој да успее на апсолутна власт која владееше со закани и уцени, политички монтировки да собере доволно пратеници за без избори да го симне од власт. Притоа без насилни протести, немири и помош од надвор, туку со седнување на иста маса и обединување на сите раскарани страни и рушење на политичките бариери.

За овој пресврт што го направи ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски најверојатно многу ќе се зборува не само овде, туку и надвор од границите на Македонија.

Но, денес се зборува и се прашуваме каде е Зоран Заев? Дома ли е (кога ќе го поставиме ова прашање излегува сликата на Тони Шанац во сцената од култната баба Зумбула)? А, се прашуваме бидејќи неколку пати во минатото знаел да ги менува своите одлуки. И затоа кога се работи за Заев – се е можно.

И поразот е за луѓе, сите ги добиваме и работиме на тоа да се поправиме, после да жнееме победи. Така и Заев, криењето во кукавичко гнездо после тоа што му се случи во неделата само потврдува дека не е кадарен и не заслужува повеќе да биде на чело на македонската влада.

Гордо и со крената глава, машки да го поднесе поразот и да се држи до дадениот збор, да си замине и да остави да владеат тие на кои народот им дал поддршка.