Само ако Делчев се слави како голем Македонец немам ништо против заедничко чествување

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека нема ништо против заедничкото чествување со Република Бугарија на великанот на Македонската револуционерна борба и идеологот на македонската независност, ако се слави големиот Македонец и македонски син Гоце Делчев.

Мицкоски ова го истакна по повод одбележувањето од 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев запрашан од новинарите за коментар давајќи изјава за медиумите, после положувањето на свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје.

„Ако се слави 150-годишнината од раѓање на големиот Македонец, македонски син Горѓи Гоце Делчев немам против“, рече Мицкоски.

На новинарското пашање дали на средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков биле побарани некакви отстапки од него и од неговата партија, Мицкоски истакна дека не станало збор за некакви отстсапки, туку само барање за вметнување на дел од бугарскиот народ во Уставот, што веќе било кажано во јавноста.

„Никакви отстапки не бараа од мене Бугарите. Го споменаа тоа што го кажаа и во јавноста за промена на Уставот и да биде вклучен дел од бугарскиот народ, незначително малцинство во Македонија во Уставот. Тоа побараа. За тоа не се подготвени на реципроцитет за значителен дел на македонскиот народ што живее во тој дел кај нашиот источен сосед. И не се подготвени да ја тргнат понижувачката фуснота од македонскиот јазик што е кодифициран и засебен и различен од бугарскиот“, истакна тој.

Мицкоски додаде дека за него, Гоце Делчев преставува Македонија, а не оние кои што денеска ја водат државата и што уживаат во привилегиите, а кои не беа со македонскиот народ кога најмногу му требаа.

– Македонија, за мене претставува Македонија. Тоа што овие денеска што чествуваа и што имаат привилегирана положба, а не беа со народот, не се. Тоа е за мене Гоце Делчев, додаде Мицкоски.