
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да преговара за откажување од влезот на Украина во НАТО во замена за прекин на огнот, повлекување на руските војници и гаранција за украинската безбедност, пишува Скај њуз.
„Тоа е компромис за сите: за Западот, кој не знае што да прави со нас во однос на членството во НАТО, за Украина, која бара безбедносни гаранции и за Русија, која не сака натамошно проширување на НАТО“, рече Зеленски.
Тој повтори дека бара директен разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Ако не се сретне со Путин, вели Зеленски, невозможно е да се разбере дали Русија воопшто сака да ја прекине војната.
Но, тој претходно рече дека секоја голема промена, која ќе биде воведена во украинскиот закон, ќе треба да биде потврдена на референдум.
Зеленски додаде дека Киев е подготвен да разговара за статусот на Крим и источниот регион Донбас, кој е под контрола на проруските сепаратисти, но само по прекинот на огнот и чекорите што водат кон обезбедување безбедносни гаранции за Украина.