ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржува проектите кои се добри за Скопје

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта за аферата „Броило“, конкретно Ковачевски и неговиот кум, афера која се однесува на трговија со влијание во секторот енергетика.

-Денес ќе поднесам пријава за клевата бидејќи СДСМ вчера рече дека сум докажан криминалец. Поминав преку флаерите и билбордите, но ова е премногу. Нека докажат. А ние докажуваме кој која компанија ја формирал, вели Мицкоски во СТУДИО 10 на ТВ24.

Во однос на спорот со градоначалничката Данела Арсовска, Мицкоски вели дека е точно дека немаат директори во јавните претпријатија, но имаат мнозинство во градскиот совет. Намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжи да ги поддржува проектите кои се добри за градот.

Истото важи и за односите во Општина Карпош чијшто градоначалник Стевчо Јакимовски се откажа од ВМРО-ДПМНЕ која го поддржа на изборите.

Мицкоски вели дека само излегување на предвремени избори ќе ја реши кризата во Македонија и дека неговата партија е подготвена.

Како одговор на шпекулациите дека Груевски барал смена на Мицкоски од лидерското место на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски коментира дека досега имало многу теории на заговор, но нештата не функционираат така бидејќи партијата има статут, а државата има закони.

-Сега кога е извесно дека Македонија конечно ќе се ослободи од корупција, слабо здравство и образвание и други слабости, немам намера да престанам да се борам. Мојот концепт се темели на чесност и многу работа. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ го потврдуваат тоа, вели Мицкоски.