„Лидл“ разгледува можна локација за инвестиција во Куманово, досега се вработeни 80 лица

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“ – со националниот тим и со претставници на меѓународниот управен одбор.

Целта на средбата беа планираните активности на инвестициите и развојот на оваа компанија во Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект.

„Лидл“ веќе интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица, а оваа бројка дополнително ќе расте.

Вицепремиерот Битиќи, кој го координира процесот како едношалтерски систем за инвестиции, изрази задоволство од напредокот на инвестицијата и ја истакна нејзината важност за развојот на локалните добавувачи, кои се надеваат дека ќе имаат доверлив партнер со „Лидл“.

Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, „Лидл Интернешнл“, објасни дека како странски инвеститор „Лидл“ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата. Рубријан Хаџиев, главен извршен директор,, истакна дека Владата му обезбедила работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за влез на македонскиот пазар.

„Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 м2 и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува обезбедување на над 150 вработувања. „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители.