НБА лига: Мајами поведе со 2-0

Мајами Хит ги победија Бостон Селтикс со 111:105 на гости синоќа во вториот натпревар од финалето на Источната конференција, повторно предводени од расположениот Џими Батлер, за водство од 2-0 во серијата до четири победи.

Батлер го заврши натпреварот со 27 поени, осум скока, шест асистенции и три украдени топки. Го следеше Кејлеб Мартин со 25 поени што е рекорд во неговата кариера во доигрувањето. Бам Адебајо додаде 22 поени, 17 скока и девет асистенции, додека резервистот Данкан Робинсон постигна 15 поени.

Хит сега се во позиција да ја добијат серијата без да се вратат во Бостон. Третиот и четвртиот натпревар ќе се одиграат во Мајами во недела, односно вторник.

Џејсон Тејтум го предводеше Бостон со 34 поени, 13 скока и осум асистенции, но не постигна кош од поле во последната четвртина, и тоа втор натпревар по ред. Сите пет поени во последната четвртина Тејтум ги постигна по слободните фрлања во последната минута.

Џејлен Браун додаде 16 поени за Бостон, а Малколм Брогдон и Роберт Вилијамс Трети имаа по 13 поени.

Резервата на Бостон, Грант Вилијамс, погоди „тројка“ и му донесе предност на Бостон од девет поени на шест ипол минути до крајот на натпреварот. Но, потоа следеше серијата на Батлер – прво два поени, потоа слободно фрлање, а потоа уште два погодока од поле. Вилијамс постигна уште два коша за водство на Селтикс од 98:92. Потоа Адебајо упати два прецизни удара од линијата за слободни фрлања за да ја намали негативата на 98:94. Робинсон погоди положување за да го доведе Мајами до 98:96, но Вилијамс направи уште едно положување за водство на Бостон од 100:96. Но, тогаш Адебајо повторно го намалува резултатот на 98:100 од линијата за слободни фрлања, а Батлер најпрво израмни, а потоа му донесе водство на Мајами на две ипол минути пред крајот (102:100), кое не го испушти до крај.