
Претставниците на Србија и Кина во вторникот во Пекинг потпишаа неколку договори, меѓу кои и еден за слободна трговија.
Договорот, кој го потпишаа двајцата министри за трговија, беше потпишан во присуство на кинескиот лидер Кси Џинпинг и на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој заедно со српската делегација учествува на третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“, кој се одржува во кинеската престолнина, пренесе агенцијата Бета.
По средбата со кинескиот претседател, Вучиќ на Instagram објави дека договорот за слободна трговија „отвара нови погледи во односите меѓу Србија и Кина“, како и дека иницијативата „Појас и пат“ ѝ „донесе многу добро“ на неговата земја, како и дека Србија во сите области во кои соработува со Кина бележи напредок.
Покрај договорот за слободна трговија, потпишан е и меморандум за размена и соработка во областа на политиката за економски развој, меморандум за заедничко подобрување на индустриската и инвестициската соработка, како и среднорочен акциски план за иницијативата „Појас и пат“.
Со компанијата „Huawei“ е потпишан и комерцијален договор за третата модернизација на фиксната мрежа на Телеком Србија, а се очекува да се потпише и договор за финансирање на третата фаза од модернизацијата на мрежата со Банката на Кина.
Истовремено портпаролот на ЕУ, Петер Станом во Брисел изјави дека Србија ќе мора да се повлече од сите билатерални договори со трети земји на денот на приемот во Европската унија.
Според него, Србија може да склучува трговски договори со други земји или организации пред да влезе во ЕУ, под услов тие да не се во спротивност со одредбите од Договорот за асоцијација и стабилизација.
„Во контекст на преговорите за пристапување во ЕУ, Србија се обврза да се повлече од сите билатерални договори за слободна трговија на денот на пристапувањето во Европската унија“, изјави Стано по повод потпишувањето на трговскиот договор меѓу Србија и Кина.
Таквото повлекување не е услов, туку општо правило кое важи за сите земји кандидати кои сакаат да влезат во ЕУ, појасни Стано, а пренесе Радио Слободна Европа.