
Да не беше ваков геополитичкиот контекст, се стекнува впечаток дека Европската комисија ќе нотираше и назадување во клучните области, но како и да е, Извештајот го потврдува тоа што македонските граѓани добро го знаат – царот е гол, колку и да се пeрчи – изјави за Дојче веле поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, по вчера објавениот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија.
– Суштината на Извештајот е буквално во првите две реченици на комуникацијата на ЕК, кој е еден од документите во пакетот: македонските власти постојано зборуваат дека членството во ЕУ им е стратешка цел, ама крајно време е да почнат да испорачуваат, посебно во најважните области – судството, борбата против корупцијата, јавната администрација, јавните финансии и јавните набавки – посочува поранешниот шеф на дипломатијата.
Димитров смета дека Извештајот е дециден оти нема никаков напредок ниту во судските реформи, ниту во борбата против корупцијата, а во судството на тапет сосема логично е ставен Судскиот совет.