
Унгарскиот премиер Виктор Орбан е подготвен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на тековниот самит на Европската унија во Брисел за да разговара за неговиот предлог за Божикен прекин на огнот меѓу Украина и Русија.
„Секогаш сум подготвен за секаква значајна дискусија“, рече Орбан, одговарајќи на прашање дали ќе разговара за неговата мировна иницијатива со Зеленски.
За ова Орбан беше прашан за време на неговиот говор пред фракцијата на пратеници во Европскиот парламент „Патриоти за Европа“, што се одржа пред состанокот на лидерите на ЕУ. Според новинската агенција МТИ, премиерот ја коментирал својата мировна иницијатива, наведувајќи: „Во политиката треба да се движите низ некои сложени ситуации, но понекогаш и едноставни, убедливи предлози заслужуваат шанса“.
Орбан вчера соопшти дека предлогот за прекин на огнот во Украина за време на Божик и натаму е актуелен, а Зеленски мора сам да преземе одговорност дали ќе го прифати или не.
„Предлогот за прекин на огнот е на маса. Земи или остави. Тоа е твоја одговорност“, напиша Орбан на социјалната мрежа Икс.
Орбан рече дека на маса е можноста за масовна размена на воени заробеници и прогласување Божикно примирје.
Орбан пред една недела изјави дека Зеленски го отфрлил предлогот на Унгарија до Украина за Божик да воспостави примирје со Русија и да изврши голема размена на затвореници.