
Без разлика дали тоа беше „булдожерска револуција“ во Србија во 2000 година“, револуцијата на розите“ во Грузија во 2003 и 2024 година, „портокалова револуција“ во Украина во 2004 година, „револуција на лалиња“ во Киргистан во 2005 година, или „Арапска пролет“ во Азија и Африка во 2011 година, „шарена револуција“ во Македонија во 2014 година, изминатите децении видовме како по еден ист модел се планираат и спроведуваат „обоени револуции“, или војни без барут, на многу места низ светот, френетично извезувајќи демократски вредности што никој не ги побарал. И покрај големите разлики меѓу земјите каде што избувнуваа револуциите (геополитички, социјални, економски и други), упорно се повторуваат истите обрасци на случувања поврзани со обоените револуции, што не може да биде обична случајност. Египет и Украина се многу различни, но револуцијата на 25 јануари во Египет во 2011 година и револуцијата Евромајдан во 2014 година се толку слични што дури и однесувањето на револуционерите беше исто: умерени исламисти во Египет и радикални националисти во Украина. Дури и западните медиуми денес истакнуваат дека обоените револуции (како средство за извоз на демократија преку граѓанска непослушност) станаа толку софистицирани што нивните методи се претворија во насоки за промена на политичките режими без избори. Сепак, она што обоените револуции го оставија зад себе ниту е западна демократија, ниту е мир, туку масовна конфузија, хаос и уништување во целните земји.
Обоените револуции се револуции главно само по име. Тие не ја претставуваат меката моќ на една држава, како што тврди американскиот политиколог Џозеф Нај. Всушност, се работи за софистициран облик на војување, модерен тип на агресија што меѓународното право (се уште) не го признава. Погледнете што се случува во моментов во соседна Србија. Déjà vu (веќе видена) револуција. Се оди дотаму да се бара да им го извеземе македонскиот модел на политичко решение изнудено со шарената револуција, па да ги усреќиме. А и зашто да не, барем нешто ќе извеземе во рамките на подзаборавената идеја за Отворен Балкан. Но, велат песимист е оптимист со искуство, а досегашното мое искуство ми вели да бидам претпазлив анализирајќи ги случувањата во Србија, зашто демократиите што обоените револуции ги промовираа досега низ светот имаа огромен јаз со вистинската демократија. Дури и кога ваквите „квази револуции“ успеваат, тие ретко резултираат со напредок, слобода или демократија. За „експертите“ по нарачка секоја ваква „револуција“ е изворна и автентична, како оваа што се случува во моментов во Србија, без оглед што ваквите изрази на незадоволство не се импровизирана изведба оркестрирана од поединец, туку намерен политички чин. Тоа е координирана акција на планери, обучувачи, финансиери, поттикнувачи, предизвикувачи на немири, следбеници, а повремено и насилни терористи, па дури и најмени платеници.
Да беа обоените револуции прогресивни, немаше нашата во 2014 година, да донесе политичка одмазда, корупција, економска регресија, социјална катастрофа и државно идентитетско обезличување. За која стабилна и просперитетна Македонија може да зборуваме по шарената револуција? Македонија ја доби вистинската боја на демократијата по моделот на шарената револуција. Онаа криминална и идентитетски безлична. Не знам зашто деновиве ми се враќа чувството дека после седум години хибернација „граѓанското организирање“ во Македонија повторно се буди. Молчаливо, замрено и анестезирано кога се продаваше името на државата и иденитетски се обезличуваше, кога гинеа и умираа луѓе поради неспособноста на власта, кога живи гореа во импровизирани болници, сега повторно граѓанското (само)организирање наоѓа причини да се разбуди и разигра. На Македонија во моментов и се случува морална хипокризија – вознемирувачка ерозија на колективниот морален гнев. Дали тоа е првиот знак дека полека се крчка нова шарена револуција во Македонија? Причини за некоја нова шарена секогаш може да се најдат кај нас. Сакате надворешно увезени, сакате внатрешни. Но, кај нас една е клучна. Изгубената власт и финансиската поддршка на т.н независно граѓанско организирање. Нешто што „освестениот“ граѓански сектор никогаш нема да и го прости на оваа власт. Во однапред креиран политички модел за извоз на демократија и специјални средства за разбивање на (не)демократски системи доколку е потребно, ние како држава секогаш сме погодни како консументи. Не гледам дека не плаши разочарувањето кое дојде по завршувањето на шарената револуција. Тепаниот тепан, граѓаните изманипулирани, политичарите задоволни. Државата во регресија и сиромаштија. За демократијата никој не размислува, барем не после обоените револуции.
Во едно сум сигурен: обоените револуции низ својот политички инжињеринг сигурно нема да го вратат изгубениот сјај на западниот модел на демократија кој бледее. Напротив. Ќе не вратат на почеток, од кој паразитите на обоената револуција ќе имаат од каде повторно да цицаат. Како досега, така и отсега демократијата лесно може да се обои.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес