Слабоста на германската економија ја намали и побарувачката на работна сила

Забавувањето на активностите во германската економија ја намали и побарувачката за квалификувана работна сила, објави во понеделникот институтот Ifo, оценувајќи дека проблемот со недостигот е ублажен само на краток рок.

Недостигот од квалификувани работници го навеле 28,3 отсто од анкетираните компании на почетокот од годинава, во споредба со 31,9 отсто во октомври, објави германскиот економски институт.

„Слабата економија моментално ја намалува побарувачката на квалификувана работна сила, што значи дека недостигот (…) се чувствува нешто помалку“, вели истражувачот на ifo, Клаус Вохрабе.

Сепак, демографските промени остануваат „голем предизвик“ и на подолг рок, недостигот од квалификувани работници повторно ќе земе посериозни размери.

Недостигот сѐ уште е изразен во одредени сектори и дури 35,1 отсто од компаниите во услужниот сектор имаат проблем со наоѓање работници. Во секторот правен и даночен консалтинг дури 75 отсто од компаниите изјавиле дека не можат да најдат доволно работници со потребните квалификации, а во угостителството дури 42 отсто.

На крајот од јануари, германската влада ја намали проценката за економскиот раст оваа година од 1,1 на само 0,3 отсто, наведувајќи ја како причина слабеењето на конкурентноста и зголемените геополитички и трговски тензии.

Здружението на индустријата BDI, сепак, процени дека активноста во најголемата економија во еврозоната исто така благо ќе се намали во 2025 година, за 0,1 отсто, предупредувајќи дека Германија е во длабока економска криза.

Доколку се оствари нивната прогноза, тоа би значело дека БДП ќе опаѓа три последователни години за прв пат од обединувањето на Германија. Во 2024 година е намален за 0,2 отсто, покажуваат податоците на Заводот за статистика, а за 0,3 отсто во 2023 година.