Зеленски не смета дека му должи извинување на Трамп по судирот во Белата куќа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не мисли дека треба да му се извини на американскиот претседател Доналд Трамп по нивниот вербален судир во Белата куќа во петокот, но исто така истакна дека го почитува американскиот претседател.

Во интервју за Fox News, Зеленски, на прашањето дали мисли дека должи извинување, одговори: „Не, го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ и (…) Мислам дека треба да бидеме многу отворени и многу искрени. Не мислам дека направивме нешто погрешно“.

Украинскиот челник оцени дека ваквиот исход од средбата „не е добар за ниту една страна“.

И покрај тоа, Зеленски рече и дека верува во можноста за спас на односите со американскиот лидер. „Да, се разбира, бидејќи ова е однос повеќе од само со претседателот. Ова е историски однос, силен однос меѓу нашите народи“, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање.

Зеленски, исто така, рече дека Трамп греши кога тврди дека тој никогаш не би сакал да потпише договор со рускиот претседател Владимир Путин, но предупреди и дека Украина мора да биде во силна позиција да го стори тоа, пренесе Reuters.

Призна дека ќе ѝ биде тешко на Украина да ѝ се спротивстави на Русија без американска поддршка и изрази уверување дека неговиот однос со Трамп може да биде спасен. Но, додаде дека посакува Трамп да биде „повеќе на нашата страна“.

Украина останува подготвена да потпише договор за минералите со САД, но продолжува да инсистира на безбедносни гаранции, рече Зеленски и покрај кавгата со американскиот претседател по што брзо ја напушти Белата куќа без потпишување на споменатиот договор кој беше на врвот на агендата на неговата посета на Вашингтон.

„Реков дека треба да го потпишеме овој документ. И ние сме подготвени за тоа. И ова ќе биде првиот чекор кон безбедносните гаранции. Но, ова не е доволно“, рече уште Зеленски во интервјуто за Fox News.

Вашингтон и Киев долго време работеа на потпишување договор за украинските минерални ресурси, за што Трамп изрази интерес уште на почетокот на февруари. Зеленски веќе одби да го потпише документот, и покрај тоа што претходно изјави дека е подготвен за договорот. Во тоа време, тој истакна дека опцијата што му е предложена на Киев нема безбедносни гаранции.

Но во средата 26-ти февруари, украинскиот Кабинет на министри одобри одлука со која се дозволува потпишување на договорот. Во исто време, украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека Киев не размислува да потпише договор со САД без да вклучи безбедносни гаранции во договорот.