Зеленски по кавгата во Белата куќа – „Ќе биде тешко без САД против Русија“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се појави на американската телевизија Фокс по напната средба со Доналд Трамп во Овалната соба, обидувајќи се да ги смири тензиите со американската администрација.

„Многу сум им благодарен на Американците за сета ваша поддршка“, рече тој во интервју за Фокс њуз. „Многу ни помогнавте од самиот почеток… ни помогнавте да преживееме.“

На прашањето дали му должи извинување на американскиот претседател, Зеленски одговори: „Го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ“.

„Мислам дека треба да бидеме многу отворени и искрени и не сум сигурен дека направив нешто погрешно“, додаде тој.

Тој подоцна призна дека конфликтот „не бил добар“, но изрази уверување дека односите со Трамп може да се обноват.

„Само сакам да бидам искрен и сакам нашите партнери правилно да ја разберат ситуацијата, и јас сакам се да разберам правилно. Се работи за тоа да не го изгубиме нашето пријателство“, рече тој.

Тој призна дека ќе и биде тешко на Украина да и се спротивстави на Русија без американска поддршка и изрази уверување дека неговиот однос со Трамп може да биде спасен.

Но, тој додаде дека посакува Трамп да биде „повеќе на наша страна“. На прашањето дали овие настани се добри за неговата земја, тој одговори: „Ова е толку чувствително“.

„Примирјето без безбедносни гаранции е чувствително прашање за нашиот народ“, рече тој, додавајќи дека тој и другите Украинци само сакаат да слушнат дека Америка е на нивна страна. „Дека ќе останат со нас, а не со Русија“, нагласи тој.

Тој тврди дека е отворен за дипломатија со Русија откако ќе има американски безбедносни гаранции за иднината на Украина.

„Ќе бидеме подготвени“, рече тој.

Тој рече дека Украинците и Американците „мора да бидат на иста страна“ против Русија. „Се надевам дека претседателот е на наша страна, заедно со нас“, повтори тој, додавајќи дека „многу е важно да се запре Путин“. Тој повтори дека Путин постојано ги прекршил договорите за прекин на огнот со Украина.