И италијанската премиерка Мелони застана зад Зеленски

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска во Лондон се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на маргините на лидерскиот самит што се одржува во Велика Британија.

Според соопштението на италијанската влада, средбата даде можност уште еднаш да се нагласи поддршката на Италија за Украина и за нејзиниот народ и за посветеноста, заедно со европските и западните партнери и САД, за градење праведен и траен мир, кој обезбедува иднина на суверенитет, безбедност и слобода во Украина.

-Благодарен сум на Италија за нејзината континуирана поддршка и соработка во воспоставувањето мир во Украина – рече меѓу другото украинскиот претседател

Володимир Зеленски рече дека се сретнал со италијанската премиерка Џорџа Мелони за да разговараат за заедничкиот акционен план за ставање крај на војната.

„Имав продуктивен состанок со претседателот на Советот на министри на Италија, Џорџа Мелони, за да се развие заеднички акционен план за завршување на војната со праведен и траен мир“, рече украинскиот претседател во објавата на Платформата X, додавајќи: „Путин е заинтересиран за продолжување и брзо враќање на војната. Затоа, важно е да се одржи единството околу Украина и да се зајакне позицијата на нашата земја во соработка со нашите сојузници – земјите од Европа и Соединетите држави. На Украина и треба мир поддржан од силни безбедносни гаранции. Благодарен сум на Италија за нејзината континуирана поддршка и соработка во воспоставувањето мир во Украина“.

Британскиот премиер Кир Стармер на денешниот состанок со европските лидери истакна дека добар мировен исход за Украина би бил клучен и за стабилноста на Европа.

“ Во разговорите изминатите денови се договоривме да работиме со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме со САД за заедничко развивање на планот“, посочи Стармер.Тој наведе дека разговарал и со балтичките сојузници, кои, исто така се вклучени во барање решение за стабилност на Украина и на Европа.

На средбата учествуваат претседателите на Украина, Финска и на Франција, Володимир Зеленски, Александар Стуб и Емануел Макрон, премиерите на Полска, на Шпанија, на Данска, на Холандија, на Шведска, на Норвешка, Чешка, Италија и Канада (Доналд Туск, Педро Санчез, Мете Фредериксен, Дик Шуф, Улф Кристерсон, Јонас Гар Сторе, Петр Фијала, Џорџа Мелони и Џастин Трудо), германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Британскиот премиер претходно наведе три клучни услови за постигнување на траен мир во Украина: силна Украина која ќе може да се бори доколку е потребно и добра преговарачка позиција за Киев; безбедносни гаранции од европските земји и поддршка од САД.

Додека Руте на Икс објави три пораки: Сите во Европа ќе мора да направат повеќе за да ја поддржат Украина; Сите сакаме мировен договор и тој мора да биде траен. Европа навистина треба да презема одговорност во овој процес; Европа да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја одржи силна Северноатлантската алијанса.