
Во новиот геополитички контекст, Европа има два пата по кои може да оди – да продолжи како досега или да го искористи моментот и да ги мобилизира огромните ресурси што ги има за одбрана на демократијата, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во писмото до челниците на земјите-членки на Европската унија.
„Пред нас се два можни пата. Првиот е да го поминеме овој период со усвојување на менаџерски пристап кој ни овозможува да дејствуваме на ситуацијата на теренот, во Украина или на друго место, поединечно или постепено“, им напиша фон дер Лајен на челницие на ЕУ пред вонредниот самит што ќе се одржи во четврток, посветен исклучиво на европската одбрана и поддршката за Украина.
„Втората е да ја искористиме можноста, да ги мобилизираме огромните ресурси што ги има Европа, да го повикаме нашиот колективен дух да ја одбраниме демократијата. Верувам дека оваа втора опција е нашиот единствен избор. Тоа е на крајот нашата цел“, се вели во писмото.
Претседателката на извршното тело на ЕУ вели дека втората опција бара ослободување на европскиот индустриски и производствен капацитет и негово фокусирање на безбедноста.
„Безбедноста е она на што почива нашиот просперитет и од што зависи нашата слобода. Затоа мораме да воспоставиме сила за одвраќање против оние кои се обидуваат да ни наштетат“, се наведува во писмото.
Претседателката на ЕК наведува и дека „Европа е многу благодарна“ на Соединетите држави за поддршката и улогата што ја играле за нивната безбедност со децении.
„Како претседателка на Комисијата, силните односи со САД се една од моите главни цели, билатерално и преку Г7“, посочува таа и додава дека контекстот во кој се наоѓаме денес радикално и драстично се менува.
„Темлите врз кои беше изграден целиот повоен европски политички и економски поредок се разнишани до срж. „И кога европскиот поредок е разнишан, историјата нè учи дека целиот меѓународен систем може да се дестабилизира“, се наведува во писмото на Фон дер Лајен.
Претседателката на Комисијата во своето писмо до лидерите на земјите-членки наведе план од пет точки за вооружување на Европа што може да мобилизира близу 800 милијарди евра.
Најголем дел од оваа сума, околу 650 милијарди евра, би обезбедиле земјите-членки од нивните буџети, а останатите 150 милијарди би ги обезбедиле преку заедничко задолжување.