
По неколкуте значајни активности реализирани во неколку одделенија во дебарската Општа болница со проширена дејност, која со својата дејност ја покрива и Општина Центар Жупа, заврши целосното реновирање на лабораторијата.
-Целосно е завршено реновирањето на просториите и сега, може да кажам, дека имаме модерна лабораторија. Извршена е замена на прозорците и вратите, поставени се нови плочки во сите простори и направен нов простор за шалтерите, осветлувањето сега е целосно ново со лед светилки, поставена е и нова електрична и водоводна инсталација, како и други неопходни зафати. Овој пат сакаме да му се заблагодариме на Арбен Абазоски, наш печалбар, кој придонесе со половина од вкупната инвестиција, рече за МИА, Мерсим Колеци, директор.
Додаде дека продолжуваат и понатаму со набавка на посовремени апарати за лабораторијата, а во насока на тоа деновиве болницата набавила нов лабораториски уред HumaCount 80, во вредност од околу 7000 евра, кој овозможува извршување на 80 анализи на крвта за 60 минути, со што значително се подобрени и квантитетот и квалитетот на анализите.
-Нашите сограѓани кои порано одеа на испитувања во други зравствени установи, пред се во соседните градови, без проблем можат да ги направат сите анализи во лабораторијата во Дебар, која е и кадровски екипирана. Пред два дена, за интерното одделение набавивме нов 12-канален ЕКГ апарат. Претходно целосно нов лик добија неколку одделение, нагласи Колеци.
Во моментот во тек е обновата на фасадата и прозорците на болничката зграда, што е поврзано со енергетската ефикасност на објектот.