
Припадниците на воените сили на Европската унија во Босна и Херцеговина се подготвени да ги преземат сите мерки за да обезбедат стабилна атмосфера во земјата, вклучително и заштита на нејзините жители, е соопштението објавено во саботата од командата на ЕУФОР во Сараево, реагирајќи на различните шпекулации за нивниот мандат.
„Во согласност со Дејтонскиот мировен договор и мандатот даден од Обединетите нации, ЕУФОР веќе дваесет години ја извршува својата мисија за поддршка на властите на Босна и Херцеговина, со цел да се одржи безбедна средина. ЕУФОР секогаш бил и ќе остане непристрасен и не се меша во политичките дискусии“, се тврди во соопштението на командата на ЕУФОР.
Нагласуваат дека постапуваат „непристрасно во рамките на мандатот што им е доверен“, „строго и дефинитивно почитувајќи ја правната рамка на БиХ и меѓународното право“.
Во објавата се објаснува дека ЕУФОР затоа „ќе продолжи да дејствува транспарентно и ќе биде подготвена да заштити безбедна средина „почнувајќи од заштитата на населението“.
Ги нарекуваат лажни сите изјави со кои се најавува различен мандат за операцијата Алтеа.
Претходно, беше потврдено на социјалните мрежи дека припадниците на мултинационалниот баталјон ЕУФОР „се во полн замав на интензивна обука и совладуваат сложени вежби за контрола на немири и медицинска евакуација на жртвите“.
„Максимално дисциплинирани и професионални, постојано ги усовршуваат своите вештини за да останат подготвени за мисијата“, се вели во соопштението.
Во Босна и Херцеговина, од почетокот на седмицата ЕУФОР распоредува засилувања како одговор на кризата во таа земја предизвикана од дејствијата на властите на Република Српска, кои прибегнуваат кон усвојување на закони предизвикани од неправосилното осудување на претседателот на српскиот ентитет Милорад Додик и налогот за негово апсење, додека лидерите на тој ентитет одбиваат да одговорат на поканите од Обвинителството за кое е предмет на истрага дело „загрозување на уставниот поредок“.
Како поддршка на постоечкиот контингент на ЕУФОР од околу илјада членови, дополнителни 400 војници од Чешка, Романија и Словенија ќе бидат распоредени во БиХ.
Медиумите со денови шпекулираат дали членовите на ЕУФОР ќе им помогнат на припадниците на полициските агенции на Федерацијата БиХ во која мнозинство се Бошњаците во задачата да ги приведат претседателот на Репулика Српска, Милорад Додик, премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот Ненад Стевандиќ.
Претходно оваа седмица самиот Додик отворено му се закани на командантот на ЕУФОР, романскиот генерал Флорин Мариано Барбу, доколку реши да ги ангажира своите војници на оваа работа. Тој рече дека „тенковите нема да му помогнат против народот“ и најави дека ќе побара од Русија да стави вето на гласањето за продолжување на мандатот на ЕУФОР кога Советот за безбедност на ОН ќе одлучи за тоа во ноември.