Европа – џинот со глинени стапала

Чекајте, ова е таа Европа за која се градеа митови во Македонија? Тоа е таа  „бајковита“ Европа која стана безалтернативност на нашата надворешна политика? Ова е истата онаа Европа пред која коленичеше претходната политичка гарнитура, а која сега гледаме како очајно се прпелка во својата неспособност претворајќи се во место на политичка нестабилност, економска слабост и технолошки пад? Зарем некој може да помисли дека ваквата Европа ќе ја преземе улогата на слободниот свет наспроти САД во новиот светски поредок?

И ова го доживеавме. Европската Унија да го прави токму она што го сака Трамп. А, не гледам дека тој премногу се загрижи за тоа. Додека очајните европски лидери го молат американскиот претседател да им дозволи да се приклучат на мировните преговори за Украина, дали тој воопшто ги слуша? Изгледа не. Она што го направи Европа во некој нов формат во Лондон по фијаското на средбата на Трамп со Зеленски во Вашингтон беше некаква си наметлива симболика. Кога Зеленски одеше околу масата на Европскиот совет, секој европски лидер стана да го прегрне, обидувајќи се да покажат грижа за Украина, откако нејзиниот Претседател беше понижен на сцената со софата во Овалната соба. Но, реално, бесмисленото гушкање е далеку од некоја стратегија. Сè што направија, до неодамна арогантните европски лидери, беше нивната согласност да го направат токму она што Трамп го бара од нив со години: радикално да ја зголемат својата одбрана со инвестиции – потенцијално во вкупна вредност од 800 милијарди евра – што може само да значи дека тие можат да се грижат за себе без „бесплатно оптоварување“ (или потпирање) на американската помош. Одеднаш Трамп, стана интуитивен, трансакциски стратег. Чекорите на Трамп се неповратен рикверц за ЕУ. За Европската Унија ова не е е само дезориентирачко однесување, туку е слично на ненадејно живеење во свет без мапи.

Неодамна ме бендиса изјавата на францускиот претседател Макрон дека Трамп е „електрошок“ што и е потребен на Европа, да излезе од „стратешката зависност“ и да изгради сопствена стратешка автономија. Што да прави јадниот кога неговиот американски колега Доналд Трамп веќе стави јасно до знаење на светот – но, особено на оние кои теоретски се негови најблиски сојузници, имено Европејците – дека музиката драматично се промени во споредба со четирите години кога Џо Бајден беше на чело на Белата куќа. Е ова е тој ладен туш кој ги „попари“ Европејците. И, сега треба да очекуваме Европа да се разбуди од самоиндуцираниот сон во кој беше во изминатите 30 години, останувајќи во состојба на „стратешка зависност“? Повеќе од сон, веќе е илузија да се продолжи да се вози на делегирање на својата одбрана на Вашингтон, потпирање на Москва за евтини енергетски резерви и на Пекинг како глобален пазар. Ако ја погледнете ситуацијата чисто од стратешка гледна точка, постапките на Претседателот Трамп едвај требаше да изненадат. Европејците се чини дека институционално се неспособни да размислуваат чекори понапред. Ако Трамп знае што сака да постигне во надворешната политика која ја промовира доста транспарентно, само Европејците не можеа да го видат тоа. Чудно е кога знаете дека Европа ја измисли стратешката дипломатија, а денес изгледа толку очајно и беспомошно. Покрај еден Николо Макијавели, Австриско-француското дуо Клеменс фон Метерних и Шарл Морис де Талејран кои беа мајстори на политичката стратегија на почетокот на 19 век и, Карл фон Клаузевиц, пруски воен историчар, ја напишал својата позната книга „За војната“, ремек-дело за стратешко војување, Европа денес нема стратегија за тоа што треба да прави во одговор на политиките на Трамп.

Изјавата на Макрон повеќе ми личи на книга од соништата отколку како вистински остварлив политички манифест. Зашто наместо стратегија во моментов европските држави зборуваат ли зборуваат. Но, никој не зборува за стратешки интереси. Наместо стратешка игра, Европејците сакаат Русија да ги напушти окупираните земји, сакаат да ја видат промената на режимот во Русија, други нејзиниот пораз во војната со Украина, но, како што сугерираат изјавите на нејзините челници, ова треба да го направи некој друг наместо неа. И кој тоа треба да го направи? Човекот за кој до недомна тврдеа  дека е најдеструктивниот претседател во историјата, човекот кој го карактеризираа како тиран, социопат, лажњак и трансакциски. А токму Трамп го разоткри лицемерието и слабоста на Европа додека се бори да ги исполни своите ветувања: безбедносни гаранции по завршувањето на војната; финансирање за реконструкција на Украина; и отворање на патот за идното членство во ЕУ.

Чекајте, ова е таа Европа за која се градеа митови во Македонија? Тоа е таа  „бајковита“ Европа која стана безалтернативност на нашата надворешна политика? Ова е истата онаа Европа пред која коленичеше претходната политичка гарнитура, а која сега гледаме како очајно се прпелка во својата неспособност претворајќи се во место на политичка нестабилност, економска слабост и технолошки пад? Зарем некој може да помисли дека ваквата Европа ќе ја преземе улогата на слободниот свет наспроти САД во новиот светски поредок? Европа во моментов потсетува на џин со глинени стопала, дезориентиран во еден век што не му е најклонет. Кога некритички идеализирате нешто што во моментов се соочува со неизвесна и потенцијално хаотична иднина како што е Европа, нема зашто да бидеме изненадени од изјавата на поранешниот претседател Пендаровски дека новата власт се излетале во надворешната политика – покажала невиден аматеризам што се приближила до администрацијата на Трамп. Што би рекол еден мој пријател: дај оди бркај работа, сепак надворешната политика е премногу сериозна работа за вака несериозни политичари. Па, макар биле и бивши. Убаво е да читаш, но треба попатно да знаеш и да размислуваш. А, не се размислува на колена, дефинитивно.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес