
Роднини, пријатели, граѓани молкум стигнаа на градските гробишта за последен пат да им оддадат почит на загинатите во пожарот што го занеме градот.
Колони граѓани уште од изутрина се упатија кон гробиштата во Кочани, за да се збогуваат и да им одадат почит на 59 млади луѓе коишто загинаа во стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Ова е најтажниот ден во Македонијаго обвитка Кочани и целата земја во црнина. Многумина од граѓаните носеа црни маици со натпис „Почивајте во мир ангели наши“. Ретко кој можеше да ги сокрие солзите за загубата на младите луѓе.
Илјадници луѓе на гробиштата, а траорна тишина. Се слушаше гласот на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и повремените лелеци на најблиските.
Многумина не можеа да го издржат притисокот на погребната атмосфера, екипите на Брза помош и Црвениот крст мораа да интервенираа и успешно се справуваа со предизвиците.
Погребот се одржа по посебни протоколи, откако семејствата и градот побараа во солзи и тишина за последен пат да се збогуваат со своите најмили. Погребната церемонија беше обезбедувана со полиција и редарска служба, а бројните новинарски екипи од земјата и од регионот го следеа настанот од подалеку, согласно препораките за етичко известување со цел да не се наруши достоинството на семејствата на загинатите.
Погребни церемонии има и во Штип, Облешево и во Скопје. На плоштадите на овие градови граѓаните со денови палат свеќи и се запишуваат во Книгата на жалост. Со едноминутен молк за жртвите, деновиве оддадоа почит и граѓаните на Бугарија и Србија.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Според податоците на Обвинителството, починатите се на возраст од 16 до 48 години. Шестмина од нив се малолетници. Министерството за здравство објави листа на загинатите во пожарот.
Во трагедијата во Кочани се повредени над 190 лица. Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека 173 пациенти, коишто се лекуваат во земјата и во странство, се во стабилна состојба. „Повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност“, вели тој.