Приходот од влезниците од фудбалскиот меч Македонија-Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, денеска по победата над Лихтенштајн, изјави дека целокупниот приход од следниот натпревар на Македонија против Велс во вторник (25 март), кој од 20:45 часот го играме на арената „Тодор Проески“ во Скопје, ќе биде за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар против Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра – фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат.Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија. Се гледаме во вторник на Националната арена, порача Омерагиќ.