Додик од Израел по распишаната потерница: Следната седмица ќе се вратам во БиХ

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во четвртокот во Израел најави дека планира да се врати во Босна и Херцеговина следната седмица, а издавањето меѓународна потерница по него го нарече уште една злоупотреба на судството за постигнување политички цели.

„Ќе продолжам со моите активности. Ме чекаат уште некои важни активности во наредните денови за Република Српска и мирно ќе се вратам во Република Српска следната седмица“, изјави Додик, цитиран од порталот на јавниот сервис РТРС.

Тој во Ерусалим учествуваше на конференцијата посветена на борбата против антисемитизмот организирана од израелското Министерство за дијаспора.

Додик во вторникот отпатува за Израел од Белград, а околностите под кои ја преминал границата и покрај внатрешната потерница издадена по него, сè уште се под истрага на Граничната полиција на БиХ.

Откако се јави од Израел, Обвинителството на БиХ побара по него да биде распишана меѓународна потерница по него, а Судот на БиХ го прифати тоа во средата, и нивниот налог тоа да се стори е испратен до Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион, каде што сега се проверува дали се исполнети сите предуслови за налогот за апсење да стане правно обврзувачки и како таков да биде проследен до сите членка на БиХ.

Меѓународна потерница е распишана и по претседателот на Народната скупштина (парламентот) на Република Српска, Ненад Стевандиќ, кој исто така ја преминал границата, но се вратил во БиХ, каде што моментално се наоѓа.

На конференција во Израел, Додик зборуваше за антисемитизмот и холокаустот, го спомна концентрациониот логор Јасеновац, тврдејќи дека таму биле убиени 500.000 Срби, заедно со илјадници Евреи и Роми, наведувајќи дека усташите во НДХ извршиле злосторства полоши од германските нацистите и ја пофали политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кого го прогласи за „ослободител на светот“. Ја искористи можноста да се пожали и на проблемите што ги има со судството во БиХ, тврдејќи дека сето тоа е „измама наречена муслимански национализам и шовинизам кон Србите“.

„Тие сакаат да ме спречат да одам во посети, да се среќавам со државници и на тој начин да ме изолираат, а потоа да кажат дека не можам да запознаам никого. Ова е сараевскиот ‚кучешлак’ (пасјалук) кој не е непознат. Наше е да се бориме. Немам намера да се откажам. Имам уште доволно години да живеам за да се борам за соодветен статус за Република Српска“, рече Додик.