
Денес, со посебна чест и гордост, бевме дел од одбележувањето на петгодишнината од пристапувањето на Македонија во НАТО, стратешка цел кон која тежнеевме со години и која денес е наша реалност. Пет години сме дел од најмоќниот воен сојуз во светот, што значи пет години гарантирана безбедност, стабилност и партнерство со сојузници кои ги споделуваат истите вредности, објави премиерот на Владата, Христијан Мицкоски.
Посебна почит и благодарност упатуваме кон македонската армија, столбот на нашата безбедност и суверенитет. Нашите војници, со својата професионалност, пожртвуваност и лојалност, го носат македонското знаме на меѓународните мисии и покажуваат дека сме рамноправен партнер во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност, потенцира во објавата.
Овие пет години ја зајакнаа нашата позиција, ни дадоа пристап до најсовремени воени стандарди и ни овозможија поголема сигурност во време на глобални предизвици. Но, ова не е крај, туку почеток на уште поголеми вложувања во безбедноста, армијата и нашите капацитети, додаде во објавата Мицкоски.