Ла Лига: Барса ја одржа предноста пред Реал, Бетис го доби градското дерби

Во последниот неделен натпревар од 29-то коло на шпанското фудбалско првенство, Реал Бетис ја совлада Севиља со 2:1 во градското дерби одиграно на стадионот „Бенито Виљамарин“ пред 58.538 гледачи, освојувајќи важни бодови во трката за место во европските купови.

Севиља поведе во 17. минута со голот на Рубен Варгас, но Бетис до крајот на полувремето го сврте резултатот со головите на Џони Кардос (25) и Кух Ернандез (45+3). Тоа беше прва победа за Бетис во градското дерби во Примера од 2018 година, овојпат особено важна затоа што тимот предводен од Мануел Пелегрини се уште може да сонува за пласман во Лигата на шампионите.

Во претходниот натпревар лидерот во Примера, Барселона ја совлада Жирона со 4:1 и повторно е три бода пред најблискиот следбеник Реал Мадрид. Барса поведе во 44. минута со автоголот на Ладислав Крејчи, но гостите израмнија во 53. минута преку Арнаут Данџума. Роберт Левандовски во 61. минута ги врати домаќините во водство, а во 77. минута со својот втор гол го реши прашањето за победникот. Точка на натпреварот го стави Феран Торес со својот четврти гол во 86. минута. Барселона можеше да слави и поубедливо, но Ерик Гарсија во 61. минута ја погоди стативата, а Ламине Јамал во 89. минута одлично шутираше од работ на шеснаесетникот но само го погоди местото каде што се спојуваат стативата и пречката.

Атлетик Билбао и Осасуна одиграа без голови. Валенсија ја совлада Мајорка со 1:0, освојувајќи важни бодови во борбата за опстанок во првата лига. Решавачкиот гол го постигна Диего Лопез во 50. минута.

Во првиот натпревар во неделата, Виљареал го совлада Хетафе со 2:1 на гостински терен. Сите три гола беа постигнати во првото полувреме. Гостите поведоа во 15. минута со голот на Ајозе Перез, израмни Карлес Перез во 29. минута, а победата на „Жолтата подморница“ ја донесе Тиерно Бери во 33. минута.

Колото се затвора в понеделник со Селта – Лас Палмас.

Барселона е на врвот со 66 бодови, три повеќе од Реал Мадрид, додека Атлетико Мадрид е трет со 57 бодови