
Во послениот саботен натпревар од 31-то коло на италијанското фудбалско првенство, Милан и Фиорентина одиграа без победник 2:2 на милански „Сан Сиро“. „Виолите“ поведоа веќе во седмата минута по автоголот на Малик Тиау, а само три минути подоцна Мојс Кин погоди за 2:0. Милан намали во 23. минута преку Тами Абрахам, а израмни Лука Јовиќ во 64. минута.
Во самиот финиш на натпреварот гостите постигнаа и трет гол, но нивното славје кратко траеше, бидејќи голот на Дод беше поништен поради задното поле по асистенцијата на ВАР.
Милан остана на деветтата позиција со 48 бодови, а Фиорентина моментално е шеста со 52 бодови.
Со идентичен резултат одигра и лидерот Интер на гостувањето кај Парма, испуштајќи два гола предност. Интер поведе во 15. минута со голот на Матео Дармијан, а Маркус Турам ја зголеми предноста на гостите во 45. минута. Но Парма не се предаде, го намали резултатот по еден час игра со голот на Адријан Бернабе, а само девет минути подоцна израмни Јакоб Ондрејка. Гостите беа на чекор до третиот гол во 82. минута, но непрецизен беше Марко Арнаутовиќ.
Интер сега има четири бода повеќе од Наполи, кој во понеделник го чека гостувањето кај Болоња.
Во претходниот меч, Комо ја победи Монца со 3:1 на гости, туркајќи ја сосема близу испаѓање во понискиот ранг. Натпреварот започна одлично за домаќините. Монца поведе во петтата минута со голот на Дани Мота, но Комо до крајот на полувремето го сврте резултатот со головите на Џонатан Иконе (16) и Асане Диао (39). Победата за гостите ја потврди Мергим Војвода во 51. минута. Десет минути подоцна Мота имаше одлична шанса да ја намали негативата, но Жан Бутез беше подготвен да го одбрани неговиот удар.
Монца ја продолжи серијата без победа на 11 кола и е цврсто на дното во Серија А со 15 бода, 10 помалку од безбедносната зона. Комо е на 13-то место со 33 бодови.
Во петокот Џенова на домашен терен со погодокот на Заноли во 77. минута го совлада Удинезе. Со трите нови бода Џенова дојде до вкупно 38 со кои е моментално на 12-то место на табелата, додека Удинезе е 10-ти со 40 бодови.
Во недела на програмата се дуелите: Лече – Венеција, Емполи – Каљари, Торино – Верона, Аталанта – Лацио и Рома – Јувентус. Колото во понеделник го заокружува мечот меѓу Болоња и Наполи.