Трамп ѝ се заканува на Кина со повисоки царини, отфрли 90-дневно одложување

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе „дополнителни царини од 50 отсто за Кина“ доколку таа не се откаже од одмзаднички чекори и воведувањето возвратни царини.

„Му дадов рок на Пекинг до вторник да ги повлече одмаздничките царини од 34 проценти или тие ќе платат дополнителна цена почнувајќи од среда“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.

Белата куќа, пак, ги негираше шпекулациите за можно одложување на сеопфатниот американски царински пакет. Владин функционер ги опиша нагаѓањата во медиумите како „лажни вести“ кога беше прашан за коментар.

Шпекулациите за одложувањето предизвикаа бура на социјалните мрежи и доведоа до значителни флуктуации на пазарот.

Гласините можеби се поттикнати од милијардерот Бил Акман, кој претходно го поддржуваше Трамп. Во објавата на платформата X во неделата, тој предложи одложување од 90 дена за повторно преговарање за „нечесните асиметрични царински договори“ и привлекување милијарди нови инвестиции во Соединетите држави.

Тој ги опиша новите царини планирани за среда против речиси сите земји како „економска нуклеарна војна“.

Во меѓувреме американските берзи забележаа ненадеен раст, предизвикан од дезинформација што се прошири на социјалните мрежи. Според телевизиската мрежа NBC News, сè започнало со неточна објава во која се тврдело дека директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет, наводно изјавил дека претседателот Доналд Трамп размислува за 90-дневно замрзнување на царините за сите земји освен за Кина.

Ваквиот лажен навод доведе до скок на берзанските индекси за само неколку минути, но веднаш потоа следеше нивен пад.

Сепак, Хасет во своето гостување на Fox News не кажа дека ваква мерка се разгледува. Неговата вистинска изјава беше: „Мислам дека претседателот ќе одлучи онака како што смета дека е правилно. Во моментов повеќе од 50 земји преговараат со него“.

Портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, остро ги демантираше тврдењата: „Тоа се лажни вести“, изјави таа за NBC News.

Овој настан уште еднаш покажа колку финансиските пазари се чувствителни, понекогаш е доволен само еден погрешен цитат на висок функционер за да се предизвика бурна реакција кај инвеститорите, посочува медиумот.