
Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека Париз може да ја признае палестинската држава во јуни, додавајќи дека за возврат некои земји од Блискиот исток би можеле да го признаат Израел.
„Мораме да се придвижиме кон признавање (на палестинската држава). И во текот на следните неколку месеци ќе го направиме тоа. Не го правам тоа за да му угодам некому. Ќе го сторам затоа што во одреден момент ќе биде правично“, рече Макрон на телевизијата France 5.
„И бидејќи јас, исто така, сакам да учествувам во колективната динамика, тоа исто така ќе им овозможи на оние кои ја бранат Палестина за возврат да го признаат Израел, нешто што многу од нив не го прават“, додаде Макрон.
Иако Палестина е призната од речиси 150 земји, повеќето западни сили не го признаа тоа, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Јапонија.
Меѓу земјите кои не го признаваат Израел, пак, на Блискиот исток се Иран, Сирија, Јемен и Саудиска Арабија.
„Нашата цел е да претседаваме со конференција во јуни, заедно со Саудиска Арабија, каде би можеле да го финализираме планот за реципрочно признавање“, рече Макрон.
Во јуни Макрон организира конференција за решение со две држави со саудискиот принц Мохамед бин Салман, а тој собир, според дипломатски извори, може да биде „поволниот момент“ што Франција го чека за на крајот да ја признае палестинската држава.
За време на неговата посета на Египет, Макрон во понеделникот разговараше со претседателот Абдел Фатах ал-Сиси за политичките аспекти на посетата, со фокус на Појасот Газа. Во таа прилика, тој даде поддршка за арапскиот план за Газа, „цврсто спротивставувајќи се на преселувањето на населението“ предложено од Доналд Трамп, но го поддржа ставот на американскиот претседател дека исламистичкото движење Хамас не треба да има никаква улога во палестинската енклава.
Макрон го поддржа арапскиот план за обнова на Газа како „реален“ и кој, за разлика од американскиот план, не предвидува раселување на тамошните Паластинци.
Но, Макрон, исто така, нагласи дека планот треба „дополнително да се зајакне“ во однос на „безбедноста“ и „управувањето“ на таа палестинска територија.
„Хамас не смее на кој и да е начин да учествува во управувањето и повеќе не смее да претставува никаква закана за Израел“, инсистираше Макрон во разговорот со ал-Сиси.