
Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус тргна во потрага по нови решенија во нападот. Италијанските медиуми пренесуваат дека на крајот од сезоната клубот ќе го напушти Полјакот Аркадиуш Милик кој сезонава воопшто не играше поради повреда на коленото, а многу веројатно и Србинот Душан Влаховиќ.
Главна цел на торинската „Стара дама“ е нигерискиот репрезентативец Виктор Осимхен, кој на крајот од оваа сезона се враќа во Наполи од позајмицата во Галатасарај. Осимхен има клаузула за откупнина на договорот од 70 милиони евра за тимови надвор од Италија, па се шпекулира дека Јувентус ќе се соочи со тешка битка за потпис на 26-годишниот Нигериец.
Се споменува и напаѓачот на РБ Лајпциг, Словенецот Бенјамин Шешко, како и напаѓачите на Манчестер Јунајтед, Холанѓанецот Џошуа Циркзе и Данецот Расмус Хојлунд, кои веќе играа во Серија А.
На радарот на Јувентус се и тројца италијански интернационалци, тандемот на Аталанта – Матео Ретеги и Џанлука Скамака, плус Лоренцо Лука од Удинезе.
Јувентус моментално е на петтото место со 56 бодови, 12 помалку од водечкиот Интер.