Главниот економист на СТО вели дека ветените придобивки од царините не се веројатни

Царините ретко ги даваат ветените економски придобивки, смета главниот економист во Светската трговска организација (СТО – WTO), Ралф Оса, за што пишува во објавата од петокот на својот блог.

Оса во својот блог експлицитно не ги споменува САД чија цел е, како што е веќе познато, да го поттикне домашното производство со високите царини.

„Царините во суштина се едноставни: тие ја зголемуваат домашната цена на увезената стока. Но, нивниот ефект ја бранува економијата на сложени начини – менување на цените, платите, паритетите на валутата и трговските модели“, напиша Оса.

„Тарифите би можеле да бидат од полза за домашните индустрии кои се натпреваруваат со увезената стока, но тоа резултира со пренасочување на работната сила, како и губење на капиталот од извозниот сектор“, додава експертот.

Експанзијата на домашната индустрија е важна, бидејќи влијае на зголемувањето на платите. Ова за возврат ги зголемува трошоците за компаниите извозници, кои потоа се помалку конкурентни на меѓународните пазари.

Оса го опишува и ефектот на странските валути – царините ја намалуваат домашната побарувачка за производот што е предмет на тарифи, што исто така ја намалува потребата за странска валута и резултира со апрецијација на домашната валута.

И иако царините би можеле да ја променат трговијата во одделни сектори или билатерално, емпириските студии покажаа дека тие имаат мало севкупно влијание врз севкупните трговски нерамнотежи, пишува Оса.

„Царините не се само алатка за зголемување на приходите или заштита на домашните индустрии – тие се политички лост со широк опсег и честопати несакани последици“, заклучува главниот економист на СТО.