
Тинејџер од Висконсин обвинет за убиство на своите родители, исто така, планирал да го убие американскиот претседател Доналд Трамп и да побегне во странство, информирале од ФБИ.
Никита Касап (17) минатиот месец беше обвинет за убиство од прв степен, откако полицијата ги пронашла телата на неговата мајка и очув, и двајцата застрелани во главата, во нивниот дом во Ваукеша. Тој беше уапсен во Канзас откако побегна со украдено возило и со 14.000 долари во кеш, пасоши и семејното куче. Полицајците, исто така, пронашле револвер, кутии со муниција и два мобилни телефони.
„Касап напишал манифест во кој повикува на атентат на претседателот на Соединетите Држави. Тој бил во контакт со други лица за неговиот план да го убие претседателот и да ја собори владата на Соединетите држави“, се вели во соопштението објавено во петокот.
„Убиството на неговите родители се чинеше дека е напор да се добијат финансиски средства и автономија неопходни за да се спроведе неговиот план“, се додава.
ФБИ тврди дека Касап платил, барем делумно, за беспилотно летало и експлозиви наменети за употреба како „оружје за масовно уништување“. Во изјавата се наведува дека опремата била наменета за поддршка на планираниот напад.
Пораките откриени на неговиот телефон покажале како Касап разговара за заговорот со неидентификуван корисник на Telegram. На 21 јануари тој прашал: „Која земја ќе биде обвинета за злосторството? Корисникот одговорил: „Русија ќе биде обвинета за тоа, ова е целта“.
Телефонот на Касап, исто така, содржел разговори со корисник што користел украински телефонски број, кои изгледале како да разговараат за планот за бегство по нападот. „Колку долго ќе треба да се кријам пред да ме преселат во Украина? 1-2 месеци? прашал тој. „Значи, додека сум во Украина, ќе можам да најдам нормална работа и да имам нормален живот? Дури и кога ќе се дознае дека сум го направил тоа?, додава тој.
ФБИ пронајдоа и слики документот на три страници насловен „Забрзајте го колапсот“, создаден на 28 февруари. Манифестот повикува на политичко насилство, вклучувајќи го и убиството на претседателот, за да предизвика општествен хаос и „да се заштити белата раса“.
Во документот се тврди дека е „неопходно да се забрза колапсот“ на она што се нарекува „влади окупирани од Евреите“, почнувајќи од Соединетите држави. „Белата раса не може да опстане доколку Америка не се распадне“, тврди Касап.
„За тоа зошто, конкретно Трамп, мислам дека е очигледно. Со ослободувањето од претседателот, а можеби и од потпретседателот, тоа гарантирано ќе донесе хаос – и не само тоа, туку дополнително ќе ја донесе во јавноста идејата дека атентатите и забрзувањето на колапсот се можни работи“, се вели во друг извадок.
Касап е притворен со кауција од 1 милион долари и се соочува со две точки од обвинението за намерно убиство од прв степен, заедно со седум други обвиненија за кривично дело, вклучително и криење на труп и кражба на идентитет. Тој треба да се врати на суд на 7 мај.