да им биде наложено да бидат регистрирани како трговски или да не се третираат како медиуми.
ВМРО-ДПМНЕ искажа и подготвеност да прифати готово решение за кој било европски закон за медиуми. Ваквиот предлог не е прифатлив за СДСМ, Здружението на новинари и за Самостојниот синдикат на новинари.
Советот да одзема лиценци само во случај на ригорозни прекршување
Се предлага членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да се избираат со двотретинско мнозинство во Собрание откако ќе се пријават на јавен конкурс. Тие треба да бидат професионалци и експерти, а треба да обезбедат поддршка од фелата и од други организации посветени на медиумите.
Избраните членови би имале мандат од пет години со можност за реизбор. Се предлага директорот на Агенцијата да го именува Советот.
Во случај на прекршување од страна на некој медиум, Советот ќе почне дијалог со медиумот, при што првата мерка ќе биде предупредување, а лиценца ќе се одзема само во случај на ригорозни прекршувања. На сличен начин треба да се избираат и членовите на Советот на МРТ, а меѓународната заедница предлага буџетот на јавниот сервис да биде еден процент од државниот буџет.
Во однос на владиното рекламирање, предлогот на белгискиот посредник во преговорите Питер Ванхауте предвидува за владините пораки кои се од јавен интерес, јавниот сервис и комерцијалните медиуми да не добиваат паричен надоместок, туку тие да бидат бесплатни.
Се предлага и намалување на данокот на додадена вредност за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отстo. Со ваквиот предлог на Ванхауте не се согласија владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Македонската асоцијација на новинари.