„Ви напишав пред два месеци: Кога во една држава опозицијата е слаба, тогаш политичка опозиција станува меѓународната заедница!!! Тоа не е лошо. Во такви услови на 24 април, на 5 јуни или кога и да бидат изборите – вие како гласачи ќе гласате референдумски: Дали се согласувате со политиката на меѓународната заедница во однос на Македонија!? Како ќе гласате е ваше право. Во каква држава сакате да живеете е исто така ваше право. Но исто така е ваше право на избори да кажете што мислите за лошата или добрата политика на Груевски но и за лошата или добрата политика на амбасадорот Бејли како лидер на политичката опозиција: Меѓународната Заедница. Ова ќе биде еден фин политички вестерн. И да немате дилеми -Македонскиот народ секогаш знае да делува мудро“. Ова е коментарот на новинарот Васко Ефтов за политичката ситуација во земјава.
Инаку, вчера американскиот амбасадор Џес Бејли, заедно со претставниците на Делегацијата на Европската унија соопштија дека има мал напредок, но услови за одржување избори на 24 април не биле исполнети.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, донесе одлука да престане да соработува со посредникот Питер Ван Хауте поради неговите навреди кон партијата и претставниците на партијата кои учествувале во преговорите, како и континуираните омаловажувања кон народот и Република Македонија.
– ВМРO-ДПМНЕ долго време го толерираше неговото несоодветно однесување, делумно и заради фактот што после секоја изречена навреда или омалуважување, Ван Хауте се извинуваше како маче. За жал, веднаш по барањето да му биде простено, следеа нови испади и нови навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Заради овие причини, ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да учествува на состаноци на кои што ќе присуствува и Питер Ван Хауте. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, Питер Ван Хауте од денеска е турист во земјава и може да му препорачаме да го посети Музејот на македонската револуционерна борба – посочија од ВМРО-ДПМНЕ.