При неможноста да се сменат изборните резултати во полза на СДСМ, измислени се кредибилни избори. За да бидат кредибилни, им требаат строго контролирани и цензурирани медиуми, како и операција за бришење живи луѓе од Избирачкиот список, пишува новинарката Мирка Велиновска во својата најнова колумна.
– Но, забораваат дека непристрасно известување не е можно со пристрасно мешање однадвор преку соросоидите и усаидовците. Моделирањето, пак, на Избирачкиот список за премостување на реалното гласачко тело на сличен начин на кој во 2001 во Охрид е дојдено до 20 отсто Албанци, отвора врата и за негирање на изборните резултати и за прогласување неуспешен референдум за името. Остануваат нерасчистени уште неколку дилеми. Kаква е кредибилноста на изборните резултати, која ќе ја даде една октроирана партиска изборна комисија воспоставена од агресорот, во која мониторинг врши некредибилната ОБСЕ, наредби дава странска амбасада, набљудува некредибилната соросоидна партиска организација „Мост“, а гласачи лови и распределува МВР-СДСМ, товари и растоварува контингенти гласачи паралелната министерка Ременски? Дали уметничкиот перформанс на Милчиновите „језуити“ за иселени 400.000 гласачи имаше цел да овозможи бришење на гласачкото тело за толку колку што им недостига на Заев и друштвото за кредибилна победа?, пишува Велиновска.
Таа посочува дека СДСМ нема капацитет да гине како сириска опозиција, зашто ќе избега на Халкидики на првиот пукот, а Албанците во улога на необалисти не се непобедливи.
-Она што се направи со оценката за изборите е отстранувањето на народот од изборниот процес. Губитникот СДСМ го дели истото становиште само да стигне до пљачка како октроирана власт. Заинтересирани страни стануваат партнери во ист потфат со премолчена согласност на албанскиот политички фактор кој, пак, е приватна послуга на Вашингтон. Во Пржино легалната влада дозволи да се легализира превратот и тоа без согласност и наспроти волјата на мнозинството. Kако последица, институциите во разнебитената држава дејствуваат по инерција, глумејќи нормалност. Уставот не само што одамна не е веќе библија, туку не е ни тоалетна хартија. Укинат е правниот поредок по диктат на оние што глумат дека правната држава им е светост. Воведено е паралелно обвинителство, а најавено е и паралелно судство. Извршната власт која по рамковната војна беше принудена да гарантира доживотно владеење на амнестираните за злосторства против човештвото учки, по пржинскиот преврат мораше да прифати и паралелни министри од СДСМ кои имаат право на вето, пишува Велиновска.