Голема група мигранти на грчко-македонската граница, денеска околу пладне, ја урнаа оградата, а македонската полиција возврати со солзавец и шок бомби. Мигрантите извикувале „Отворете ја границата“ и фрлале камења кон полицијата.
Според полициски извори, околу 500 мигранти се пробиле низ редовите на грчката полиција за да дојдат до оградата на границата.
Во моментов ситуацијата на македонско – грчката граница е мирна.
Над 6.000 бегалци се „заглавени“ на Грчко-Македонската граница, и чекаат македонските власти да ги пуштат за да го продолжат својот пат кон западна Европа.
Македонската полиција синоќа помеѓу 23 часот и три часот изутрина пуштија околу 300 Сиријци и Ирачани, по што преминот е затворен.
Како што беше претходно соопштено, Македонија ќе пропушта онолку бегалци колку што ќе пропушти Србија.