Во три од 16 германски федерални единици денеска се одржуваат покраински избори. Околу 12,6 милиони граѓани со право на глас од вкупно над 62 милиони во цела Германија денеска ќе гласаат за парламенти и први луѓе на федералните држави Баден Виртенберг, Рајна Фалц и Саксонија Анхалт.
Овие избори што се одржуваат на околу 18 мееци пред гласањето за федералниот парламент наредната година како никогаш во историјата на обединета Германија се важни за сојузната влада затоа што преку резултатите ќе се види како граѓаните ја оценуваат политиката на „отворени врати “ за бегалците на канцеларката Ангела Меркел, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Поделбите во германската политика и гласачкото тело можат да донесат сериозни турбуленции не само меѓу партиите туку и внатре во самите политички организации. Канцеларката Меркел се соочува со критики и меѓу нејзините сопартијци, но и од сестринската ЦСУ (Христијанско-социјалната унија) која што функционира само во покраината Баварија а на федерално ниво е практично една партија во ЦДУ (Христијанско демократската унија) на Меркел.
Ваквата состојба на политичката сцена најмногу ја искористи партијата која во 2013 година настана од дисиденти од владејачката ЦДУ кои што почнувајќи со „антиевро“ политика се претворија во антиимигрантска партија и денеска се очекува да добијат двоцифрена поддршка во сите три федерални единници.
Со влезот во уште три покраински парламенти (претходно влегоа во уште 5) АФД со понатамошно зајакнување како резултат на влошување на состојбата со бегалците може да дојде во ситуација да биде пречка за фирмирање на покраинските парламенти но и да ја наруши стабилната владеачката коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и СДП наредната година. Дополнително АФД може да влијае на зајакнување на антиимигрантската реторика кај делови на ЦДУ и ЦСУ. Прелимминарните резултати од изборите во трите покраини треба да бидат познати вечерва по 20 часот.