Тој за Дневник ја потврдува инволвираноста на странските невладини организации при двата насилни обида за влез на мигранти во Македонија. Чулев коментира и дека Агенцијата постојано ја проверува можноста надворешни фактори за свои цели да ги злоупотребат насилните протести од политичката криза.
Господине Чулев, како директорот на Агенцијата за разузнавање, една од институциите кои се столб на македонската безбедност, особено чувајќи ја од надворешни ризици, како ја оценувате безбедносната состојба во моментов и дали постојат закани опасни за регионот и Македонија?
– Во моментов во непосредното опкружување на нашата земја безбедносната состојба е релативно стабилна, но будно ги следиме заканите и ризиците кои може да влијаат врз безбедноста на Република Македонија. Kако прва закана би ја посочил состојбата со терористички борци од кои дел се повратници од конфликтните региони во Сирија и во Ирак, а се со потекло од Балканот и Македонија. Ние ја следиме состојбата со овие лица и опасноста од нивно враќање во регионов со намера да извршат акти на насилство и да предизвикаат несигурност кај населението. Токму затоа имаме воспоставена продлабочена и интензивна соработка и размена на информации со нашите партнерски служби од регионот, но и пошироко заради спречување на намерите на ваквите лица да ја нарушат безбедносната состојба.
Втората закана што ја следиме е зголемениот наплив на илегални мигранти кои транзитираа низ нашата територија. Знаете, освен од хуманитарен во однос на оваа бегалска криза институциите постапуваат и од безбедносен аспект, пред сè во идентификација на лицата што транзитираа низ нашата територија, можноста за злоупотреба на мигрантскиот бран за транзит на странски терористички борци со намера да вршат напади на цели низ Европа, како и идентификација на шверцерските мрежи кои ја потпомагаат илегалната миграција. Слободно можам да констатирам дека во однос на оваа закана сите институции вклучени во кризниот менаџмент од безбедносен аспект покажаа исклучително ниво на професионализам, координација и меѓусебна соработка. Kако резултат на ваквата посветеност, Македонија е главната алка која придонесе за затворање на т.н. балканска рута за прилив на мигранти во земјите од ЕУ, за што добиваме признание од нашите партнери.
Третата закана што, исто така, ја следиме е опасноста од криминално-екстремистички групи кои незадоволни од својата позиција во општеството во своите земји и заштита на личните и криминални интереси може да ја дестабилизираат безбедносната состојба, како во своите земји така и кај нас. Сите информации во врска со овие безбедносни закани и ризици, со кои располага Агенцијата, ги споделуваме со нашите колеги од МВР односно УБK и БЈБ, како и МО и АРМ, со кои сме во редовна комуникација и координација.
Ги споменавте мигрантите, бевме сведоци на два насилни обида на поголеми групи на кои се обидоа да влезат во Македонија по затворањето на балканската рута. Има ли шанси ова да ни се повтори?
-Да, на 14 март и на 10 април се случија два големи обида за илегален влез на над 1.500 мигранти на нашата јужна граница во околината на Гевгелија. Овие лица се наоѓаат во импровизиран камп во Идомени, кој не е официјален сместувачки капацитет за мигранти на грчката држава. Истовремено, истиот претставува извор на нестабилност и центар за планирање и организирање мигранти за насилен илегален влез на наша територија. На двата наврата им претходеше добро организирана подготвителна активност на странски невладини организации и волонтери во овој камп кои преку плакати и летоци ги повикуваа мигрантите насилно да влезат на нашата територија, притоа манипулирајќи ги дека балканската рута не е затворена во останатите земји долж коридорот. Со навременото информирање од Агенцијата, за намерите на овие лица, Македонија успеа да ги спречи во нивните обиди за насилен влез и транзит низ нашата земја и ги врати овие лица назад на грчка територија. Со ова нашата држава доследно се придржува кон политиките на земјите членки на ЕУ за затворање на балканската рута. За жал, со исклучително агресивното однесување мигрантите повредија голем број наши колеги од МВР и АРМ и причинија материјална штета, а инцидентите беа злоупотребени од одредени невладини организации да ја прикажат Македонија во негативна конотација.
Дали актуелната политичка криза надополнета со протести влијае врз капацитетите на институциите за справување со безбедносната состојба?
– Лично го осудувам секој акт на насилство и уништување јавен имот при изразувањето на демократското право на собири и јавни протести. Во услови на постоење закани за безбедноста и стабилноста на регионот и Република Македонија, сметам дека елементот на насилство на протестите и потребата од зголемено присуство на МВР, во услови на прогласена кризна состојба на северната и јужната граница, негативно влијае врз капацитетите и ефикасноста за успешно справување со надворешните закани по Македонија. Ние како институција, во согласност со нашите надлежности, ја следиме состојбата од можноста надворешни фактори да ги злоупотребат протестите за свои цели и интереси за да ја нарушат безбедноста и да нè претстават како нестабилно подрачје.
Зголемена соработката со партнерските служби
Дали актуелните безбедносни предизвици и мигрантската криза го зголемија интересот на службите со кои соработувате за нас?
-Агенцијата за разузнавање континуирано ги адаптира и надградува сопствените капацитети за успешно справување со заканите кои се комплексни и динамични и бараат тесна меѓународна и регионална соработка. Агенцијата има плодна и интензивна соработка со голем број партнерски служби со кои во подолг период наназад успешно соработуваме. Зголемените закани од мигрантската криза, процесот на радикализација и тероризам, на регионален и глобален план, условија зголемена динамика на соработката и размена на информации со партнерските служби, во функција на поддршка на меѓународните безбедносни политики и превенција на заканите по безбедноста и стабилноста на нашата земја и регионот.