Третото издание на Скопскиот цветен фестивал ќе се одвива под мотото „1000 цвета за Скопје“, во текот на два фестивалски дена – утре (14.05.2016 година, сабота) и задутре (15.05.2016 година, недела).
На цветниот фестивал посетителите ќе имаат можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат совети, консултации и идеи поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото, да се дружат на отворено и да се забавуваат.
Покровител на фестивалот е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а организатор е ЈП „Паркови и зеленило“.
На отворањето на Цветниот фестивал ќе му претходи цветно дефиле во кое ќе учествуваат околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија, а кое ќе тргне утре во 10 часот од фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк и ќе заврши на локацијата предвидена за фестивалот.
Според програмата, третотото издание на Скопскиот цветен фестивал ќе ги понуди следните содржини:
- Цветен центар – претставување на фирми-излагачи од земјава и од странство, чија дејност е од областа на хортикултурата и производството на цветен и саден материјал (Грин планет; Хорти дизајн; Китка; Розен центар Фоја; Пинар С; ЈП „Паркови и зеленило“; Флораком; СУГС „Ѓорѓи Димитров“; Хортикултура МК (портал за хортикултура); Шумарски факултет Скопје и други.
- Креативни работилници и иновации – на цветниот фестивал ќе се организираат креативни работилници за сите возрасни групи: Мојот прв насаден цвет – работилница за деца и изработка на цветни оригами, венчиња од цвеќе, работилница за изработка на цветен аранжман, основи на фотографија, цртање и боење, драмски перформанси, ликовни работилници, Македонско Монтесори здружение.
- Дизајнирање цветна приказна – уредување на 3 до 5 цветни градини на определена површина. ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ги обнови градините од претходните години и ќе уреди уште две нови хортикултурни и цветни решенија.
- Стручни совети за хортикултурно уредување – сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да се информираат за одгледувањето цвеќе и да добијат корисни совети од професори и дипломци од Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“ (насока хортикултура) како и останати стручни лица со искуство во планирање, уредување и одржување на зелениот простор.
- Зона на забава – забавни и едукативни игри, ритмички и танцови групи, јога, пилатес, музички групи, oтворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави.
- Еко пикник – место за одмор, релаксација, разговори, библиотека на отворено – разгледување и размена на списанија за уредување на надворешен простор. Вљубеници во пишаниот збор ќе читаат извадоци од книги проза и поезија.
За посетителите, Скопскиот цветен фестивал ќе биде отворен од 10 до 20 часот на 14 мај (недела) и од 10 до 18 часот, на 15 мај (недела).