![парада](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/05/parada-1.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
На плоштадот „Македонија“ по десетти јубилеен пат денеска се одржа „Матурска парада 2016“, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“.
„Матурската парада“ ја отвори градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
-Матуранти, со завршувањето на средното обрзование, пред вас стојат многу можности, Ви пожелувам да ги искористите новите предизвици кои, искрено се надевам, ќе успеете да ги совладате со својот младешки елан, енергија и ентузијазам. Вие денеска, како учесници во интернационалниот проект „Матурска парада“ ќе се поврзете со уште стотици и илјадници матуранти од повеќе европски градови и ќе се приклучите на новата армија млади луѓе кои ги следат новите текови на прославување, но и на обединување. Се надеваме дека Вашиот пример ќе го следат идните генерации матуранти, кои ќе ја продолжат традицијата и ќе ја пренесуваат пораката за мир и толеранција во светот. Ви пожелувам среќа и успех во чекорењето на патот кон светот на возрасните, во освојувањето на придобивките од личната и заедничката слобода, во славењето на младоста и уживањето во животот, истакна при отворањето на манифестацијата градоначалникот Трајановски.
На годинешната „Матурска парада” во Скопје учествуваа повеќе од 1.000 ученици од 20 средни училишта во Скопје, како и матуранти од Охрид, Струга, Струмица, Валандово, Гевгелија и Неготино.
Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите положија заклетва за ненасилство и толеранција.
Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје.
Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.