Србов: Врз ВМРО-ДПМНЕ се лепеше етикета за албанофобска партија, нападот беше организиран од медиумите на СДСМ

Изминатиот период врз ВМРО-ДПМНЕ се лепеше етикета за албанофобска партија, дека сите луѓе кои членуваат во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби, дека се шовинисти. Тој осмислен напад врз политичката партија ВМРО-ДПМНЕ всушност беше организиран од дел од медиумите кои беа под контрола на Социјалдемократскиот сојуз и најмногу од албанските медиуми, рече политичкиот аналитичар, Никола Србов во денешното гостување во вестите на телевизијата Алфа.

„Прашањето се доведе до тој степен да било која политичка партија од албанскиот блок која би сакала да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ да не го направи тоа бидејќи во својот блок ќе биде растегната“, истакна Србов.

Рече дека претпоставува оти во следниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе воведе нова политика и тоа не само кон Албанците, туку и кон Турците, бидејќи како што вели, тие се двете етнички заедници кои се одлепуваат од таа партија.

„Сепак, наводното албанофобство се налепи кога се отвораат теми како што на пример беше Тиранската платформа. Тука доаѓаме во една многу чудна ситуација да јас како македонски граѓанин доколку кажам јавно дека сум против одредбите кои се одредени со Тиранската платформа, кои пак иницираат поделба на оваа држава, во тој случај од другата страна многу е лесно да бидам оквалификуван како албанофоб“, истакна Србов, додавајќи дека забораваат оти ова е заедничка држава и дека при евентуална поделба би губеле и Албанците и Македонците.